ВМРО-ДПМНЕ ги комплетираше листите за советници и кандидати за градоначалници

По долгите анализи и испитувања кои ги правеше и она што го констатираше, ВМРО-ДПМНЕ комплетираше листи за советници и кандидати за градоначалници кои ќе настапат на следните избори, изјави денеска Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на партијата, пред седиштето на Државната изборна комисија.
Како што рече, за кандидати за градоначалници ги избрале оние кои покажале добри резултати во изминатите четири години, но имаат и нови кандидати кои „се профилирани ликови во средините од каде што доаѓаат“.
-За листи за советници се избрани луѓе коишто се предлог на месните и општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ. Можам да констатрам дека партијата е комплетно мобилизирана, дека ќе имаме голем успех на следните ллокални избори. Исто така, можам да кажам дека ВМРО-ДПМНЕ на следните локални избори ќе има плус советници и плус градоначалници во споредба од она што го имавме во 2021 година, изјави Сајкоски, кој беше придружуван од членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ – Владо Мисајловски, Гордана Димитриеска-Кочоска и Орце Ѓорѓиевски, кандидат на оваа партија за градоначалник на Скопје.
Според роковникот на ДИК за спроведување на Локалните избори 2025, денеска до полноќ истекува рокот до кога сите што сакаат да се кандидираат на претстојните избори, закажани за 19 октомври, своите кандидатури за градоначалници и листите на кандидати за членови на советите во 80 општини и Градот Скопје треба да ги поднесат преку своите овластени предлагачи во просториите на општинските изборни комисии (ОИК) и Изборната комисија на Град Скопје (ИКГС).