ВМРО-ДПМНЕ денеска жали што бил повлечен предлогот Јовески да биде уставен судија


 

Наизглед парадоксално, но пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Комисијата за избори и именувања денеска жалеа што Владата го повлекла предлогот поранешниот јавен обвинител Љубомир Јовески да биде уставен судија и им пречеше брзата кандидатура на професорката од Правниот факултет Ана Павловска-Данева.

„Кога се бираат судии секогаш се внимава на две нешта кои не се исполнети во случајов. Првиот е да има департизација, тоа значи тој што е судија да нема политичка активност или политичка определба. Предлогот е истакнат правник, но дури и некој да е професор со искуство од областа кога ќе дојде на местото кандидат за уставен судија веќе имаме проблем со репутацијата“, рече Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ. 

Слично зборуваше и пратеничката Ели Панова:

„Можеби немаме забелешка за професионалноста и квалитетот на професорката Павловска-Данева, но имаме забелешка за брзањето со изборот, зашто не е во ред вчера да се даде предлогот, а денеска да се бара да помине во комисијата Сепак, се бира уставен судија. Второ, имаме забелешка за партизацијата на Уставниот суд, Павловска-Данева пред 10-на години беше потпретседател на СДСМ”, рече таа.

Здравко Трајанов (ВМРО-ДПМНЕ) дури побара и гаранција заверена на нотар од Павловска-Данева дека нема ништо повеќе со СДСМ.

Тој и другите пратеници жалеа што листата на говорници за кандидатурата на Јовески била недовршена, дека имало уште што требало да земат збор, и дека Владата требало да објасни зошто ја повлекла неговата кандидатура.