ВМРО-ДПМНЕ бара пописот да се одложи за септември
„Како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ‘За обнова на Македонија’ бараме пописот да се одложи за септември, а во таа насока Собранието да закаже итна седница за да може да се интервенира во законот за самото одлагање“, изјави денес пратеникот Антонијо Милошоски.
То ваквото барање го образложи пред се од здравствени и епидемиолошки причини. Поради тоа, како што рече, ценат дека нема услови да се одржи безбеден и веродостоен попис кој што би дал соодветни и релевантни податоци.
„Сите држави во регионот, во Европа, ќе набројам неколку, Ирска, Србија, Германија, Хрватска, Албанија, Бугарија, Романија и многу други ги одложија пописите токму од овие причини затоа што сакаат да го заштитат здравјето на населението, а во подобри услови да одржат попис кој што би дал релевантни податоци, рече Милошоски.
Тој ја повика Владата и владејачкото мнозинство да закажат итна седница за да може законски да се интервенира и да се измени Законот за попис на населението со тоа што ќе се одложи за септември, како најран можен месец за одржување на попис под услов во месеците кои се пред нас да има сериозен и динамичен процес на имунизација.