ВЛЕН и ДУИ се обединија околу Законот за употреба на јазиците


Откако вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, вчера во Брисел откри дека судиите надвор од мнозинската заедница во земјата нема да присуствуваат на седницата на која ќе се одлучува за Законот за употреба на јазиците, со реакција се јави и ДУИ што покажува дека албанските политички партии и од власта и од опозицијата имаат ист став за ова прашање и што е поважно, се става под политичка капа и оваа институција и партиите се во дослух со судиите кои водат политика место да одлучуваат според правни аргументи.

-Уставниот суд на Северна Македонија одлучи на 11 декември да ја разгледува уставноста на Законот за употреба на јазиците – еден од клучните столбови на Охридскиот рамковен договор и меѓуетничката хармонија. Секој обид за укинување на било која одредба од овој закон не е само правен чин, туку претставува директен удар врз стабилноста и мирот кои оваа земја ги изгради со многу жртви.

Понатаму, уставните судии од албанска етничка припадност јавно изјавија дека ќе ја бојкотираат оваа седница и одлучување, што го прави уште поопасно едностраното решение за укинување на одредбите од Законот за јазиците. Овој бојкот е јасен показател дека ваквите напори за укинување на 10 члена од овој закон имаат длабоко дискриминаторска природа и целат на „поништување“ на албанскиот јазик на институционално ниво.

 Овој закон е производ на сложен компромис, постигнат по години на макотрпни преговори и претставува темел на меѓуетничката еднаквост и взаемната почит. Одлука која би го загрозила овој закон би претставувала тешко кршење на Охридскиот договор и враќање назад кон неизвесна и нестабилна иднина, порачаа утрово од ДУИ. 

 Демократската унија за интеграција порача исто така дека го смета овој момент за клучна точка, каде секој чекор што има за цел да ја наруши оваа деликатна рамнотежа претставува премин преку Рубикон.

„Ако еднаш оваа линија се премине, нема враќање назад! Доколку Уставниот суд одлучи да ги уништи постигнувањата на Охридскиот договор, последиците ќе бидат непоправливи, а ние не можеме да преземеме одговорност за тоа што може да се случи потоа. Упатуваме апел до граѓаните, политичките лидери и меѓународната заедница веднаш да дејствуваат за да го спречат овој чин кој ја загрозува стабилноста на земјата и регионот. Албанците и сите заедници кои веруваат во правда и еднаквост не можат да молчат пред оваа закана.

 Ова не е момент за останување индиферентен. Ова е момент за избор на вистинската страна на историјата. Ќе направиме сè за да го заштитиме мирот и стабилноста, но одговорноста за последиците ќе биде на оние кои избраа да го предизвикаат и да ја загрозат иднината на земјата!-реагираат, драматизираат и се закануваат од ДУИ.