Влатче Морал не е меѓу нас, ама со песните е со нас – „Последно танго“ е негов музички тестамент


Семејството, роднините, пријателите и колегите од естрадата и од актерската фела денес се собраа на промоцијата во Скопје на постхумниот албум со необјавени песни „Последно танго“  на Влатче Морал како што го нарекуваа, најубавиот дечко од естрадата, со најубавите сини очи. Радост и  тага денес се измешаа додека се слушаа песните од новиот албум и се евоцираа спомени за Влатче кој денес ќе полнеше 37 години. 

Од албумот кој содржи 14 песни, за прв беа претставени песните кои, пред неговото трагично заминување, беа подготвувани за неговиот нов студиски албум. Нешто што несомнено претставува музички тестамент на нашиот Влатче.

Албумот содржи до сега необјавени песни на носач на звук (некои фестивалски, две со Златни Славејчиња…), од кои половина се сосема нови, и никогаш не се најдоа ниту на носач на звук, ниту во радискиот етер.

Водителката Марјана Станојковска со која Илиевски соработуваше во естрадниот магазин „Бекстејџ“, а потоа снимија дует „Гушни ме“

Албумот го отвора извонредната „Дајте му ја“, исполнета на „Охрид-фест“ 2017-та, по која следат „Не постојам без тебе“, „Кој ли е ден“, „Со тебе најдов среќа“, „Се ќе покрие прашина“, „Вило вилена“, „Македонка“ (од фестивалот „Златен костен“ во Петрич, Бугарија 2016-та), „Комшивке убава“, „Љубов“ (дует со Јулија Димчевска), „Последно танго“ („Макфест“, најслушана песна меѓу два фестивала), „Не желиш крај“ во дует со Зеле Липовача од „Дивље јагоде“, како и „Сети се“ и „Божикна песна“, снимени со хорот „Златно Славејче“.

Како посебен куриозитет, на албумот ќе се најде и првата песна на Влатко Илиевски (која ја снимил во студиото на Ангел Ќосев, неговиот професор по музичко, уште како осмооделенец) – „Together Againнеговото авторско дело, за која самиот го сними и соло на гитара. Освен него, во снимањето учествуваа и Урош Вељковиќ (тапани) и Марјан Петровски – Маци (бас), од групата „Steel Temple“.

Домаќин на настанот беше Иван Бечковиќ, долгогодишен новинар и уредник во македонските медиуми , сега ангажиран како супервизор во „Кроација рекордс“ за Македонија, а за дружбата и соработката со него зборуваа и композиторите Владимир Дојчин, Кристијан Габровски и пејачот  и Ристо Самарџиев, кои се автори на дел на песните. Дојчин и Самарџиев на крај од промоцијата изведоа два хита на Илиевски, „за љубов пееја до крај“- како што пееше Влатче во една своја песна. 

Татко му Драган „Вршац“- „главниот виновник“ за денешната промоција на постхумниот албум

-Влатче беше срце дечко, секогаш со енергија и харизма. Културен и воспитан. За секого имаше убав збор, планови за музичката кариера. Не веруваме дека го нема. Многу уникатен рок пејач, знаеше да повлече на бина и да не мотивира сите а за девојките беше харизматиќен како Елвис Присли. Ќе ни фалат неговите шеги, имаше добра смисла за хумор. Направи соло кариера што многу пејачи посакуваат да ја имаат. И, да не се заборави, ТОЈ прв ја наполни Арената Борис Трајковски со 9,10 илјади луѓе. Ќе ни фали многу, секогаш насмеан, фин и спремен, коментираа денес неговите колеги и пријатели.

Илиевски, роден на 2 јули 1985 година во Скопје, трагично почина на 6 јули 2018 година, на само 33 години. На музичката сцена беше активен од 2000 година. Свирел гитара во локални скопски бендови, членувал во бендот „Мејд ин Маседониа“, а потоа стана познат како вокал на групата „Морал“ која во 2005 година настапи како предгрупа на концертот на „Дип парпл“ во Скопје.

Од 2007 година почна солистичка кариера и имаше два албума со вкупно 20 песни. Во 2011 година ја претставуваше Македонија на Евросонг во Диселдорф, Германија, со песната „Русинка“. Во 2020 излезе и компилацијата на неговите најголеми хитови „За љубов се пее до крај“. Влатко беше дипломиран актер со завршени студии на Факултетот за драмски уметности во Скопје.