Власта не разбира дека ја води Македонија, а не Вмровија, вели Фрчкоски
Поранешниот министер и амбасадор, Љубомир Фрчкоски, оценува дека најважното нешто по локалните избори е што „оваа популистичка националистичка и ужасна политика на ВМРО претрпе прва лузна, тоа беше нивниот пад од 140-ина илјади гласови“. Според него, победата во над 50 општини на ВМРО-ДПМНЕ е неспорна, но она што проблем кај партијата е што таа не знае што прави со таа победа.
Во интервјуто со Васко Ефтов во емисијата „Во центар“, Фрчкоски истакна дека „единствена опција што ќе остане е прилично авторитарен завршеток на тие приказни и да се обиде да го урне обвинителството и судството да ја земе таа вилица, ‘вампирска’ вилица… сега може да руши, но гризењето без обвинителството и судството не им функционира до крај. Тие ќе се насочат на тоа и динамиката на прогон е единствена политика која им останува во вакво скапување, во ваква еутаназија во која ја доведоа Македонија“.
Фрчкоски вели дека партијата не разбира дека ја води Македонија, а не „Вмровија… во таа смисла апсолутно се под нивото на историските задачи.
Тие го третираат тоа Извештајот на ЕУ како ‘извештајче’“ кое нас не нѐе интересира. Ние сме ориентирани кон внатре. Луѓе, нема кон што да се ориентира внатре повеќе. Сѐ изедовте, сѐ е празно. И практично тоа статус-кво на скапување е ужасен резултат кај партијата. Таа партија има две основи. Едно е омразата кон надворешниот свет, кон ‘предавниците’, кон враќање на некакво ‘достоинство’. И второ, таа партија функционира како племенска организација, единствено ги брани своите. Карактеристика е тој националистички популизам, тоа е катарзата преку изборите кои треба да го испере. Тоа не се случува, историјата ви суди, нивниот извештајот е полош извештај од времето на владата на Груевски“.