Владините мерки се добродојдени, но меѓу регистрираните невработени ретко има соодветен кадар, се жалат бизнисмените


До петок, 24 јули, ќе трае пријавувањето за мерката „Поддршка за креирање нови работни места“ – подмерка „Вработување и раст на правни субјекти“, од оперативниот план за вработување за 2026 година.

Како што рече  заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, по работниот состанок во Стопанската комора, мерката ќе опфати 1.385 активни баратели на работа, а предвидува поддршка од 5,4 милиони евра.

Заинтересираните работодавачи може да се пријавуваат во подрачните единици во кои им е регистрирана фирмата.

– Ги повикувам сите микро, мали и средни компании, социјални фирми и здруженија на граѓани, кои имаат право да се пријават, да го направат тоа и да аплицираат за мерката зашто главна цел на оперативниот план не е само да ги вработиме лицата туку и да ги задржиме во земјата. Очекуваме 93 отсто реализација на оперативниот план – истакна Ристески.

Помошта, објасни, е следна: доколку компаниите вработат лица до 29 години, поддршката изнесува 250.000 денари од лице во текот на годината, за корисници на гарантирана минимална помош (ранливи групи) – Роми, лица со попреченост, жени, долгорочно невработени и жени Ромки со завршено средно или високо образование, висината на грантот изнесува 220.000 денари, а за невработени лица над 29 години, висината на грантот за вработување на едно лице изнесува 160.000 денари.

– Работодавачот, кој вработува невработено лице до 29 години, е должен да го вработи на неопределено време, со полно работно време, и да го задржи во работен однос најмалку 15 месеци, лицата од ранливите категории треба да ги задржи најмалку 12 месеци, а лицата што ги вработиле, а имаат над 29 години, треба да ги задржат најмалку 9 месеци во текот на годината – објасни заменик-министерот.

Претставниците на коморите што присуствуваа на состанокот ја поздравија мерката, но повторно укажаа дека меѓу регистрираните невработени нема или многу ретко се наоѓа кадар каков што им треба на компаниите.

– Има речиси 100.000 невработени, но не можеме да најдеме кадар што ни е потребрен. Лесно можеме да ја намалиме бројката на невработени за половина, но нема тоа што ние бараме – нагласи претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Нухи Алиу.

Тој предложи да се обезбедат псебни фондови за преквалификација и обуки на оние што чекаат во Агенцијата за вработување.

Според претседателот на Сојузот на стопанските комори, Горан Ѓорѓиевски, мерката за поддршка на нови работни места е одлична и во иднина треба да има и други вакви мерки што ќе ја намалат невработеноста.

– Треба да се прочистат и списоците во Агенцијата за вработување зашто не се толку невработени колку што е наводно сегашната бројка од речиси 91.000 – нагласи Ѓорѓиевски.