Панчевски дисквалификуван од трката за јавен обвинител, Тополова доби позитивно мислење
Советот на јавни обвинители реши да го дисквалификува Владимир Панчевски од трката за државен јавен обвинител. Причина за тоа е што Советот утврди дека Панчевски не ги исполнува законските услови предвидени во Законот за јавно обвинителство.
Согласно законските одредби, кандидатот треба да има најмалку 10 години непрекинат работен стаж од областа на кривичното право. Во конкретниот случај, на кандидатот му престанала функцијата пред 13 години и во меѓувреме не бил ниту судија ниту јавен обвинител. Оттука, тој стаж не може да се смета за непрекинат стаж од областа на кривичното право во смисла на законот, изјавија од Советот. Со оглед на наведеното, Советот смета дека кандидатот не ги исполнува законските услови и не треба да биде ставен на листата на кандидати за кои ќе се гласа.
Панчевски во минатото беше осуден за злоупотреба на службената положба и овластувања поради злоупотреби со АКМИС системот, односно електронскиот систем за распределба на предмети кај судии.
Истовремено, в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска доби позитивно мислење од членовите на Советот.Меѓу останатите кандидати се обвинителката Ленче Ристовска, судијата од Кривичен суд Скопје Ненад Савевски и обвинителката од скопското Обвинителство Лидија Раичевиќ. Расправата по кандидатурите е во тек.

За избор на нов државен јавен обвинител се потребни најмалку 61 глас од пратениците.