Владимир Ѓорчев: Заминувам во приватниот сектор


Долгогодишниот пратеник Владимир Ѓорчев преку официјалниот профил на Инстаграм ја информираше јавноста дека заминува во приватниот сектор.

„Решив да работам во реалниот сектор. Приватно, во своја фирма, во областа на маркетингот, советувањето, трговијата и услугите.

Во Македонија секогаш има пофалби и критики. Ако имав државна работа – ќе имаше критики. Ако одиш приватно – повторно критики и неколку честитки.

Ако успееш – пак критики. Ако не успееш, тогаш критики и сеир. Животот оди понатаму“, напиша Ѓорчев на социјалната мрежа Инстаграм.

За Ѓорчев јавноста прв пат слушна за време на студентските протести во 1997 година, кога имаше противење да се учи на албански јазик на Педагошката академија и Универзитетот во Тетово. Всушност од тој период започнува и неговата партиска кариера во ВМРО-ДПМНЕ, чиј член е уште од своите средношколски денови. 

Тој беше дел од поконзервативното крило на ВМРО-ДПМНЕ. Своите политики кои биле во рамки на партиската политика Ѓорчев ревносно ги бранеше во Собранието на Република Македонија .