Владиката Наум контра архиепископот Стефан: Вселенската патријаршија не бара промена на името на црквата
Струмичкиот митрополит ги отфрла тврдењата на дел од владиците во Синодот дека трите услови на Фанар биле неприфатливи за македонската црква

Струмичкиот митрополит Наум ги отфрли тврдењата на архиепископот на МПЦ, Стефан, дека Вселенската патријаршија поставува неприфатливи услови за македонската црква да го добие неопходниот томос. Пре три неделеи Стефан рече дека
Вселенската патријаршија поставила три услови – откажување од името Македонска православна црква, отстапување на македонската дијаспора и признавање на Православната црква на Украина. А тоа за МПЦ-ОА, или подобро речено за поголемиот број од владиците, е неприфатливо.
Митрополитот Наум, во интервју за порталот „Струмицанет“ се спротивставува на ваквите тврдења и вели дека не постојат нерешливи прашања во односите меѓу МПЦ-ОА и Вселенската патријаршија. Тој нагласува дека поглаварот на МПЦ-ОА ја има најголемата одговорност во настапите и треба да биде внимателен.
Во интервјуто детално го опишува проблемот меѓу МПЦ-ОА и Вселенската патријаршија, одговарајќи поединечно на сите три наводни услови и е категоричен дека Фанар ниту бара промена на уставното име на МПЦ-ОА, ниту пак признавање на украинската автокефалност, а дека прашањето за дијаспората воопшто и не е никакво прашање.
Во поглед на прашањето за името на МПЦ-ОА, владиката Наум вели дека Вселенската патријаршија зборува за име под кое МПЦ-ОА ќе биде запишана во диптихот на автокефални цркви, а не за ново уставно име.
„Јас не мислам дека Вселенската патријаршија ќе побара промена на нашето уставно име, тоа воопшто не е црковна проблематика – генерално, освен, ако именувањето случајно не задира во нечија друга јурисдикција, ама и за тоа постои договор. Но, треба сите да знаеме дека Вселенската патријаршија, како Мајка црква, која се грижи за сеправославното единство, сите томоси за автокефалност дадени досега од неа ги именува без национален предзнак, на пример: Пеќска патријаршија, Трновска патријаршија, Московска патријаршија, Охридска Архиепископија итн., или Православна Црква на Грција, Православна црква на Романија, Православна црква на Албанија итн. – со што се истакнува нивното единство, а не Руска, Српска, Бугарска, Македонска или Грчка православна црква – со што се потенцира етничката поделба. Некои цркви си го додале и националниот предзнак потоа, како резултат на разни борби за осамостојување или освојување, но не велат дека е така поради тоа што е тоа само нивна национална црква“, вели Наум и дообјаснува:
„Ние уште пред неколку години се договоривме кон грчкиот свет на цркви да го користиме името Охридска архиепископија, а на тоа нѐ упатува и документот што Пеќската патријаршија го нарече томос за наша автокефалност. Ние сме им многу благодарни за тој документ, иако и тој документ си има свои недостатоци. Ние сме автокефална црква согласно нашиот Устав од 1967 година, со свое име, и за нас нема поважен правен акт од тој, додека актите што ги носат другите цркви за нас се само нивен начин да стапат во канонско и евхаристиско единство со нас – но не и правно обврзувачки акти за нас, инаку никако не би можеле сериозно да прифатиме, на пример, некој да ни ја признава автокефалноста само под име ‘Северномакедонска православна црква’, или нашиот свет поглавар како ‘северномакедонски архиепископ’, или дека нашиот имот не бил наш и дека ние сме биле ‘автокефална црква под кирија’. Не мислам дека Вселенската патријаршија ќе побара од нас промена на нашето уставно име, а како добра Мајка црква ќе ни даде со томосот исто колку што дала и на сите останати – ни помалку, ни повеќе, а посебно што пред цел свет ќе ни го потврди и утврди нашето најсвето, најславно и суштинско црковно име – Охридска архиепископија, како и нејзиниот историски континуитет. Знам дека постоеле некакви неофицијални комуникации, дури и една писмена, со Вселенската патријаршија, кои може да укажуваат на некаков поинаков исход, но ова што го мислам може да се провери само во лична комуникација со патријархот Вартоломеј, и луѓето околу него – одговорни за нашиот случај, кога наша црковна делегација за разговори ќе ја посети Патријаршијата во Фанар. Ваква е сегашната геополитичка ситуација. Потоа – не знам, обично станува само полошо“
Понатаму во интервјуто Наум демантира дел од владиците на МПЦ-ОА кои тврдат дека Вселенската патријаршија барала откажување од дијаспората.
„Што се однесува до нашата дијаспора, тука барем немаме никаков проблем. Колку што јас знам и колку што јас сум бил присутен на разговори на таа тема, од нас се побара само титулите на нашите епископи да не се поклопуваат со титулите на епископите на Вселенската патријаршија – што не е никаков посебен проблем. Тоа е единствената молба кон нас, особено што и тие и ние знаеме дека имотот на дијаспората е имот на приватни компании или здруженија, и со тој имот единствено самите тие си располагаат и никој друг, па ни ние, како Свет синод. Затоа архиепископот вели дека евентуалното такво барање би било крајно невозможно“.
Според него, дезинформации во јавноста има и околу темата за автокефалноста на Украина. Струмичкиот митрополит е дециден дека никој не бара МПЦ-ОА да ја признае оваа црква сега, туку сугестијата на Вартоломеј била да се воспостават контакти и можни сослужувања и тоа на владици од МПЦ-ОА кои сакаат.
Во интервјуто тој е дециден дека томосот од СПЦ за наводна автокефалност е незавршен документ и дека тој треба да се третира како препорака за автокефалност и дека тоа е заеднички веќе утврден став на црквата на ниво на Синод.