Владејачките партии договараат меѓусебно помагање во вториот круг од изборите


Премиерот Зоран Заев имал средба со Мендух Тачи и со Билал Касами во врска со можното помагање на претстојните локални избори, а до крајот на оваа недела треба да се види и со Али Ахмети. Според Заев, коалициското поставување е логично и најверојатно 50 отсто таков ќе биде настапот во првиот круг од изборите, додека 25 или 30 проценти ќе биде коалициски настапот во вториот круг.

На прашањето кого ќе поддржи СДСМ во Тетово, Беса или ДУИ, Заев рече дека е најдобро секој да излезе со свој кандидат во првиот круг, а потоа да се поддржи оној од коалицијата што ќе влезе во вториот круг.

„СДСМ во Тетово на локалните избори ќе го поддржи СДСМ. Таму има три коалициски партнери кои настапуваат со свои кандидати. Нашето  општинско раководство вели дека треба и ние да настапиме со свој кандидат. Нашите анкети покажуваат дека сме во првите три партии на локално ниво во Тетово. Правиме анкети во Тетово на неколку кандидати кои поднесоа кандидатура“, изјави Заев.

Според него, логично е во прв круг да излезат со свој кандидат во такви средни за да во вториот круг, кога ќе остане една владејачка и една опозициска партија, да се поддржат меѓусебно владејачките партии.

„Деновиве ќе има разговори ќе направиме анализи што најдобро можеме да понудиме. Со Тачи се видов пред две-три недели, со Касами пред две недели, неделава ќе се видам со Ахмети. Сите сме реалисти во делот на позиционирањето и сите сметаме на заедничко помагање оти сме коалиција на централно ниво. Локалните избори се различни од парламентарни и важни се и понудените личности за градоначалници. Логично е коалициски да се поставиме. Најголем дел, според мене, ќе бидат коалициски настапи во првиот круг или еве според мене 50 отсто, околу 25 отсто во вториот круг, а некаде по завршувањето на изборите ќе правиме коалиција“, изјави Заев.