Владата во Казахстан ограничува за шест месеци поскапување на горивата во обид да ги смири протестите


Казахстанските власти денеска поставија ограничувања за цената на горивото за шест месеци, откако новогодишното зголемување на цените предизвика протести што се претворија во масовни немири.

Демонстрации има низ централноазиската држава од 19 милиони жители оваа недела во знак на бес поради зголемувањето на цената на течниот нафтен гас (ТНГ), што нашироко се користи за гориво на автомобили во државата.

„Владата презеде итни мерки за стабилизирање на социо-економската ситуација“, се вели во соопштението на владата на Казахстан, од каде додаваат дека воведуваат 180-дневен мораториум на поскапувањата на ТНГ, како и на бензинот, дизел горивото и комуналните услуги во низа градови и провинции.

Владата, исто така, привремено го забрани извозот на храна „за да ги стабилизира цените на општествено значајните прехранбени производи“.

Инаку, претходно, агенциите јавија дека во близина на главниот плоштад на Алмати, најголемиот град во Казахстан, се слушнаа експлозија и пукотници. Според очевидци  забележани се воени возила што движат кон плоштадот. Истрели се слушнаа од насоката на канцеларијата на градоначалникот, во која упаднаа демонстрантите вчера околу 17:30 часот по локално време (1130 GMT) и повторно околу еден час подоцна.

Десетици илјади луѓе се на улиците во градови во Казахстан во изминатите денови во најголемите протести што земјата ги видела од стекнувањето независност од Советскиот Сојуз пред три децении. Протестите почнаа поради речиси двојно зголемување на цените за гориво за возила.