Владата уште не ја честита важната функција на Радмила Шекеринска во НАТО

Молчи премиерот, молчи министерот за одбрана, молчи министерот за надворешни работи, молчи и претседателката на државата


 

Изгледа политички нелогично, но така е.

Дента кога генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, објави дека ја одредил Радмила Шекеринска за заменик-генерален секретар на алијансата, македонските власти потонаа во игнорирање на веста. Како да не се случила.

И како да не се случи честитката на американската амбасадорка Анџела Агелер до Шекеринска. Во таа честитка се вели:

„Моите најтопли честитки до Радмила Шекеринска, следниот заменик-генерален секретар на НАТО и на Христијан Мицкоски и Владата на Северна Македонија за застапување на нејзината кандидатура. Моќен доказ за стручноста и искуството на Шекеринска и на улогата на Македонија како ценет сојузник на НАТО и партнер на САД“.

Можеби тука е изворот на молкот на македонските власти. Во тврдењето дека Христијан Мицкоски и Владата работеле Шекеринска да ја добие функцијата, ама тоа да не се знае. Тоа би било некаков непростлив грев да се поддржува кандидат на политичкиот ривал, па макар и за многу важната функција во најголемата воено-политичка организација. Ако премиерот навистина работел со лобирање Шекеринска да го добие важното назначување, тогаш е несфатлив молкот. Особено што назначувањето на Шекеринска е главната вест на веб-страницата на НАТО. 

Ако не премиерот, тогаш барем министерот за одбрана, Владо Мисајловски, можеше да ѝ испрати честитка на Радмила Шекеринска. Тој ќе треба во иднина најмногу да соработува со Шекеринска, затоа што улогата на заменик-генералниот секретар на НАТО е прилично зајакната во последниве десетина години. А уште повеќе со руската агресија на Украина.

Тоа можеше да го направи и министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, кој денеска е на министерски состанок на НАТО во Брисел, па веројатно ќе добива и честитки од неговите колеги од 32-члената алијанса и од генералниот секретар Марк Руте. Претпоставено, тој на министрите ќе им се заблагодарува на укажаната доверба за Македонија.

А тоа можеше да го направи и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која е врховен командант на вооружените сили и според тоа е во директна комуникација со НАТО. И таа, барем засега, молчи.

Можеше да го направи тоа и претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој денеска со група пратеници беше во работна посета на НАТО. Тие се сретнале со вршителот на должноста заменик-генерален секретар на НАТО, Борис Руге, кој ќе ја извршува функцијата сѐ до доаѓањето на Шекеринска од Нова година. Собраниската делегација разговарала за безбедносните предизвици на Македонија и регионот. Во собраниското соопштение од средбата не се споменува назначувањето на Шекеринска. Можеби и тие добиле честитки од Руге и останатите, но се премолчело. Во иднина, оваа собраниска делегација ќе треба да ја прима Радмила Шекеринска.

Или сите го чекаат премиерот Христијан Мицкоски прв да испрати честитка или да даде изјава, па сите да се наредат по него. Ако испрати. Во меѓувреме, таму-каде-што-треба ќе се објавуваат текстови за тоа дека некои бугарски медиуми биле изненадени од изборот на Радмила Шекеринска, а не бугарската кандидатка Марија Габриел. (Н.В.)