Владата сака нов авион зошто СДСМ била „неодговорна“ со стариот


Марија Митева

Неодговорно е да имате опозиција којашто изминатите години апсолутно ништо не направи по однос на државниот имот и, не само што не направи ништо, туку и она што беше досега направено го остави како во заборав на времето, порача денес портпаролката на Владата, Марија Митева на новинарско прашање каков е ставот на Владата за набавка на нов државен авион.

„Зборуваме за нешто што значи одговорност кон државниот имот, но и одговорност којашто не е лична или индивидуална, туку е за потребите и намената на државата. Неспорен е фактот дека имаме еден претседател којшто загина во авионска несреќа, неспорен е фактот што имаме еден претседател врз којшто беше извршен обид за атентат и неспорен е фактот дека секоја држава треба да размислува како да ги намали овие ризици,изјави Митева.

Нагласи дека за државните интереси мора да се размислува со разум и одговорност, а не со политика.

Директорот на СОЗР, Ивица Томовски, во гостувањето во „360 степени“ во понеделникот изјави дека треба да се размислува за набавка на нов државен авион, макар и половен, зашто, како што рече, воздухопловот што моментално го имаме има само шест седишта, непрактичен е за поголеми делегации и често се расипува.
На изјавата на Томовски реагираа од опозицискиот СДСМ, нарекувајќи ја скандалозна и забегана. Обвинија дека власта сака да купува нов владин авион во услови кога нема пари за плати за работниците, за поголема минимална плата, како и за лекови во клиниките. Најавата, пак, дека се размислува и за половен авион, според СДСМ, е навреда на интелигенцијата на луѓето, бидејќи, како што велат, станува збор за милионски бизнис зделки.