Владата појаснува: Софија нема побарано Бугарите да влезат во Уставот
По денешната изјава на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, дека тој нема ништо против Бугарите како етничка заедница да влезат во Уставот, но дека такво нешто досега не било побарано, Владата во изјава за „Независен“ вели дека Македонија е „граѓанска држава и нашиот устав ги гарантира правата на сите граѓани без оглед на нивната етничка припадност“.
Во изјавата се додава дека „досега во преговорите со Република Бугарија не е разговарано бугарската етничка заедница да биде вметната во нашиот устав и нема такво барање од бугарските власти“.
Владата нагласува дека „етничката разноликост е тоа што ја прави земјава препознатлива во светот и со што треба сите да се гордееме. Владата секогаш ќе презема проактивни активности кои се во функција на јакнење на правата на секој поединец или група“.
Претседателот на државата, Стево Пендаровски, во изјава за „Слободен печат“ го повторува тоа што го кажа Османи и што го вели Владата – дека такво нешто не е побарано од бугарска страна. Но Пендаровски „во овој момент не гледа никаква потреба за какви било измени на Уставот“. Шефот на државата нагласува дека „усвојувањето и евентуалните амандмани на Уставот се исклучиво наше суверено право и надлежност“. (Н.В.)