Хекуран Асани е нов предлог на Владата за директор на М-НАВ, Мехмеди не исполнува услови
Надзорниот одбор треба да ги разреши двајцата директори Фахрудин Хамиди и Љубе Стаменковски
Хекуран Асани е нов предлог на Владата за претседател на Управниот одбор на давателот на воздухопловни услуги М – НАВ. Од Владата информираат дека ја смениле првичната одлука од денешната седница со која до надзорниот одбор на М-НАВ дадоа насоки нов претседател на УО да биде Илир Мехмеди затоа што не ги исполнувал условите за функцијата.
Владата побара разрешување на директорите во М-НАВ
Со претходната одлука, како што најави премиерот Димитар Ковачевски минатата недела Владата на денешната седница побара од Надзорниот одбор на М-НАВ да бидат разрешени претседателот на Управниот одбор и извршен директор Фахрудин Хамиди и секторскиот извршен директор Љубе Стаменковски.
Во исто време таа заклучи на нивно место да бидат именувани Илир Мехмеди и Милан Кораќ. Владата сама не може да ги разреши од овие функции Хамиди и Стаменковски туку тоа треба да го направи Надзорниот одбор.
„Владата на денешната седница даде насока на Надзорниот одбор на Акционерското друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација М-НАВ да ги разреши Фахрудин Хамиди од должноста претседател на Управен одбор и извршен директор во СВН и Љубе Стаменковски од должноста член на УО и извршен директор во СВТ. Владата воедно му препорача на Надзорниот одбор за извршен Директор во СВН да го именува Илир Мехмеди, а за извршен директор во СВТ да го именува Милан Кораќ“, стои во изјавата од Владата.
Илир Мехмеди (53) додипломските студии ги завршил на Универзитетотет Загреб на техничкиот факултет каде се се стекнал со звање – инженер по воздушен сообраќај. Магистер станал на истиот факултет, а докторските студии ги завршил на Универзитет
„Св. Климент Охридски“ во Битола. Бил професор на факултетот во Битола, а потоа и на Државниот универзитет во Тетово, а сега и на Универзитетот „Мајка Тереза” –
Скопје.
Милан Кораќ е дел од вработените во Македонска навигација.
Синдикатот на контролорите на летање веднаш по оваа објава на Владата го стави во мирување штрајкот што го најави за утре со целосно затворање на воздушниот сообраќај. „По одлуката на Владата го ставаме штрајкот во сирување. Ова е придвижување на работите. Ќе ја анализираме целата состојба и случувања и ако има позитивна реализација на препораката од Владата до Надзорниот одбор ќе ја повлечеме одлуката за штрајк“, изјави за МИА синдикалниот лидер Александар Тасевски.
Управата за финансиска полиција денеска врши проверки во Македонска навигација. Контролата и увидот во работењето на М-НАВ, како што информираа, ги прават врз основа на направениот извештај.
Сето ова доаѓа по минатонеделниот инцидент кога четворица насилници упаднаа во Контролата за летање и имаше тепачка. Причината за тоа била, наводно, поддршката што некои од контролорите Албанци му дале поддршка на синдикатот во неговите барања за средување на состојбите во Навигација и вработувањата преку партиски линии. Настанот длабоко ја вознемири јавноста и имаше толкувања дека со тоа била сериозно загрозена безбедноста на авионскиот сообраќај, како и прелетите на македонското небо.
Четворица беа уапсени, меѓу кои и Беким Незири, претседател на партискиот огранок на ДУИ во Чаир, сопруг на една од неодамна вработените во М-НАВ, како и полицаец од Тетово. Пред неколку дена човекот што беше посочен дека добил тупаница беше уапсен од полицијата при обидот да ја напушти Македонија кон Косово на граничниот премин „Долно Блаце“.
Четворица насилници добија мерки на претпазливост да не го напуштаат живеалиштето и им беа одземени патните документи, а општата јавност бараше да им се изрече мерка притвор.
Во врска со упадот во М-НАВ се осомничени осум лица.