Владата организира тим-билдинг за 5 милиони денари – дестинации Охрид, Берово и Струмица
Вкупно 80 илјади евра планира да потроши Генералниот секретаријат на Владата за да ги носи своите административци на тридневни тим-билдинзи во Охрид, Берово и Струмица, објави СДК.
Тим-билдингот, според описот во повикот, е наменет за вработените во канцелариско работење, односи со јавноста и друго. За јакнење на тимскиот дух планирани се седум групи административци од владиниот генерален секретаријат, секоја со по 15–25 слушатели.
На сајтот на Бирото за јавни набавки во објавениот оглас се бараат хотели со најмалку 4 ѕвездички, два полни пансиона за вработените и високотуристички автобуси за превоз од „Илинденска“ до хотелите. Собите ќе бидат еднокреветни. Проценетата вредност на јавната набавка е 5 милиони денари.