Владата не сака затворена седница, кога ќе има предлог за ЕУ ќе го информира Собранието
Владата ќе преземе обврска да го извести со писмо Собранието за новите предлози за продолжување на евроинтеграциите кои треба да ги достави во Брисел, откри портпаролката Марија Митева денеска на прес-конференција.
– Ги слушнавме изјавите од повикот за информирање на Собранието. Од она што го презентираа премиерот и министерот за европски прашања, секако дека кога ќе се подготви такво решение јавноста ќе биде информирана. Тоа нема да се држи во тајност. Владата е отворена и секогаш посветена на евроинтегативниот пат. Штом ќе се создадат услови и ќе се донесе став ќе ја информираме јавноста, a се разбира и Собранието – одговори Митева на новинарско прашање да ги коментира повиците на опозицијата планот да биде обелоденет.
Лидерот на СДСМ Венко Филипче во изјава за медиуми рече дека во наредниот период партијата ќе ги искористи сите механизми, вклучувајќи и свикување собраниска седница, со цел да се обезбеди одговор од премиерот во врска со евроинтеграциите на земјава.
– Ние мора да знаеме кој е планот на владата, ако воопшто го има, како ние ќе го продолжиме евроинтегративниот пат – рече Филипче.
Власта претходно најави дека ќе ги чека изборите во Бугарија за да изнесе нови предлози за решение како да се продолжат преговорите. Министерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ Орхан Муртезани во понеделникот рече дека Брисел не гледа со голем оптимизам за предлогот за уставни измени со одложено дејство, но не го отфрлува целосно и оти во Владата веќе се водат интерни разговори за изнаоѓање на нови решенија како да се продолжат преговорите.
Премиерот Христијан Мицкоски викендов од Охрид најави дека преку разни институционални канали ќе се обрати и ќе работи со Европската комисија и со партнерите за изнаоѓање решение кое ќе биде достоинствено и согласно националните интереси.