Владата на Федерацијата БиХ прогласи 18 март да биде Ден на жалост поради трагедијата во Северна Македонија


Владата на Федерацијата на Босна и Херцеговина донесе одлука утрешниот ден, 18 март 2025 година, да се прогласи за Ден на жалост во Федерацијата Босна и Херцеговина поради трагедијата во Северна Македонија.

Најмалку 59 млади лица загинаа, а 155 македонски и странски државјани беа повредени во голем пожар во преполниот ноќен клуб во Кочани, во Северна Македонија, на 16 март откако се запали таванот на клубот и падна врз присутните за време на концертот на групата ДНК.

Од повредените 84 пациенти се лекуваат во домашните болници, а 51 пациент се лекува во странство.

Северна Македонија официјално го активира Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, првично барајќи итна евакуација на 15 пациенти со тешки изгореници. Како одговор, девет европски земји – Хрватска, Грција, Романија, Словенија, Шведска, Литванија, Унгарија, Луксембург и Норвешка – веднаш понудија помош преку овој механизам.

За несреќата се осомничени 23 лица, 11 лица се во притвор. Истрагата се уште е во тек.

На 16 март, по несреќата, Владата на Северна Македонија прогласи седумдневна жалост во целата земја, а досега утрешниот 18 март за ден на жалост го прогласија и владите на Србија, Црна Гора и Бугарија.