Владата конечно ќе праќа амбасадори, по една година ќе имаме и амбасадор во НАТО!

Најголемо изненадување е именувањето на Илина Мангова за амбасадор на Велика Британија, а која доаѓа од невладиниот сектор како дел од раководството на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во Македонија


Фото: Б. Грданоски

 

Испразенетите амбасади на Македонија во странство конечно почнаа да се пополнуваат, две години откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт. Иако спектакуларно беше донесена одлука да се вратат предвреме десет амбасадори, од кои повеќето беа професионалци со големо искуство и добра репутација во МНР, многу од повлечените останаа и натаму во амбасадите, но на пониско ниво, а целиот овој период Владата успеа да испрати само еден – Игор Николов во Франција.

Вчера со одлука на владата конечно почнува процедурата за пополнување на едно од најважните амбасадорски места – мисијата на НАТО во Брисел. Според неофицијални информации, таму треба да замине сменетиот министер за европски прашања Орхан Муртезани за кој се шпекулираше дека ќе биде амбасадор во ЕУ. Со овој потег и двете мисии на Македонија во Брисел сега ќе имаат шеф на мисија Албанец, а третата позиција – амбасадор во Белгија е празна, по непотребното предвремено повлекување на Методија Белевски. Инаку, амбасадорската позиција во НАТО е празна откако истече мандатот на Дане Талевски, во јануари минатата година, иако присуството таму беше ургентна работа поради војната на Русија во Украина и притисоците на Доналд Трамп кон алијансата.

За амбасадор во Јапонија Владата ја именува Андријана Цветковиќ, која беше на истата таа функција од 2014 година, но она што е поинтересно е дека нејзиното именување за оваа позиција, со три други, беше најавено уште во јануари минатата година, а процедурата дури сега започнува.

Како амбасадор во Романија повторно ќе замине Габриел Атанасовски, кој веќе беше амбасадор таму, а е професионален кадар на МНР. Димитар Блажевски е избран за најтешката позиција во моментов, амбасадор во Киев, а од неговата професионална работа може да се најде само фактот дека бил министер советник во амбасадата на Македонија во Канада во 2021 година. 

Најголемо изненадување е именувањето на Илина Мангова за амбасадор на Велика Британија, земјата која  е поим за дипломатија, а која доаѓа од невладиниот сектор како дел од раководството на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во Македонија. Крум Ефремов, кој зад себе има амбасадорување во Украина, и тоа во најтешкиот период, кога започна воената агресија на Русија и кога сите амбасади се евакуираа. Сега ќе оди на друг тип дипломатска задача – да ги пегла замрзнатите односи со Софија. Ефремов е исто така кариерен дипломат стручен за договори за слободна трговија, со претходен стаж во Министерството за трговија од времето на Никола Груевски.

Веле Трпевски како да има „тапија за сопственост“ на амбасадата во Тирана, каде што оди по вторпат, откако еден мандат беше амбасадор во Австралија, а неговото име се поврзуваше со мобилизирање на преставниците на нашето малцинство и на иселениците околу изборите.

Линда Салиеска-Иљазоска треба да биде наш амбасадор во Хаг, а во моментов е дел од кабинетот на министерот Тимчо Муцунски. Таа има речиси две децении дипломатско искуство во дипломатските претставништва низ Европа. Фадиљ Зендели како кадар на „Вреди“ ќе биде амбасадор во Копенхаген, позиција која традиционално ја држат албанските партии во власта.

Покрај амбасадорските позиции, Владата донела одлука и за именување на две лица на конзуларни функции во Мелбурн и во Солун.

Согласно законските процедури, сите девет кандидати ќе треба своите дипломатски платформи да ги претстават пред собраниската Комисија за надворешна политика, по што претседателката Гордана Сиљановска Давкова треба да ги прифати и потпише указите за нивно упатување во дипломатските мисии. Според информациите, списокот на нови амбасадори веќе е усогласен меѓу претседателката, Министерството за надворешни работи и Владата. 

Иако министерот Тимчо Муцунски истакнува дека со овие именувања се исполнува законската обврска за професионализација (со тврдење дека над 60% од именуваните во неговиот мандат се дипломати од кариера), листата содржи јасни политички отстапки. Покрај Муртезани, политички предзнак носи и Фадиљ Зендели, кој е истакнат член на Беса.

Колку амбасади на Македонија се празни во моментов тешко е и да се пресмета, откако Владата повлекуваше а не враќаше, именуваше а не праќаше, но проценката беше дека повеќе од половината од 51 амбасада на Македонија во странство немаат амбасадори. (С.Ј.)