Владата конечно се одлучи да носи мерки за цените на горивата

За в недела е најавена седница на Владата на која треба да се донесат вонредни мерки за ублажување на ценовниот шок кој настана поради војната на САД и Израел против Иран


Фото: Б. Грданоски

 

Иако последнава недела врвните претставници на владата повторуваа дека нема потреба од интервенции на енергетскиот пазар по забрзаното зголемување на цените на горивата и дека ситуацијата е под контрола, сепак утре Владата ќе одржи седница на која треба да се донесат мерки.

„Цените на светските нафтени берзи растат, што се очекува дополнително да се одрази на домашната цена на горивата. Иако на бензинските станици во земјава има убедливо најевтини горива во споредба со регионот се очекува во понеделник да има дополнителен раст на цените на дизелот и на бензините. Заради тоа Владата утре во 12 часот ќе има седница на која ќе се донесат вонредни мерки за борба против високите цени на бензините со кои ќе се ублажи ценовниот скок“, брифираа од Владата.

Ова претставува пресврт во размислувањето на властите. Само пред два дена министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, тврдеше дека „не можеме механички да ги преземаме мерките од други земји, без да ја земеме предвид нашата реална состојба“, ниту пак дека има значајни ценовни шокови како директна последица на кризата. Во интервју за МТВ таа нагласи дека доколку ескалира кризата ќе се направат приоритети и реорганизација, но оти секогаш приоритет ќе биде навреме да се исплатат платите, пензиите, социјалната помош. „Граѓаните можат непречено да снабдуваат гориво, што значи дека нема основ за воведување рестриктивни мерки од тој тип“, рече Димитриеска-Кочоска.

Опозициската СДСМ на неколку пати предлагаше мерки – намалување на ДДВ за горивата од 18 на 5 отсто; намалување на акцизата за 4 денари по литар; укинување на ДДВ за основните прехранбени производи и преполовување на цените на патарините. Од Владата анблок беа отфрлани тие мерки затоа што не било стигнато до законската точка за цената на нафтата (800 долари за тон) по што би можеле да се преземат активности. Утре би требало да се знае какви мерки ќе бидат донесени од македонските власти за амортизирање на енергетската криза. 

Додека македонските власти ја убедуваа јавноста дека нема потреба да се преземаат мерки, најголемиот дел од европските држави веќе презедоа чекори. Тоа се случува и во соседството.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави денеска дека преку нови енергетски мерки, кои се најавени за почетокот на следната недела, тамошната влада ќе интервенира за зголемувањето на цените на енергијата да биде помало и одржливо за граѓаните и економијата.

На пакетот мерки интензивно се работи, а во него ќе има одлуки за ранливите купувачи на енергија и за земјоделците.

Од 18 март годинава на бензинските пумпи на ОКТА, „Пуцко петрол“, „Макпетрол“ и „Лукоил“ се точи гориво поевтино за два денара од максималната цена што ја определува Регулаторната комисија за енергетика за нафтените деривати. Поевтинувањето на горивата доаѓа откако ОКТА им понуди за два денара пониски цени на трговците со нафтени деривати до крајот на месецов.

Но очигледно таа мерка не може да ги ублажи последиците од ценовните шокови кои настанаа по војната на САД и Израел против Иран. Цените на нафтата стигнаа до 116 долари за барел и поради затворањето на Ормускиот теснец се очекува тие и натаму да растат. А и не се гледа некаков предвидлив крај на војната. Оваа глобална ситуација ќе има влијание и на глобалните стапки на инфлацијата, а секако и во Македонија.