Владата ќе се задолжи со уште 300 милиони евра на меѓународниот пазар. Дали Буџетот е ликвиден?
Задолжувањето на меѓународниот пазар е планирано со Буџетот за 2026 година, велат од Министерството за финансии. Пред само еден месец Македонија се задолжи со една милијарда евра издавајќи две еврообврзници
Владата се подготвува за ново задолжување од 300 милиони евра на меѓународниот пазар. Ова доаѓа откако пред само еден месец државата се задолжи за една милијарда евра преку издавање две еврообврзници за враќање на доспеаните долгови, но и за покривање на планираните буџетски потреби.
Засега нема подетални објаснувања за што ќе бидат наменети средствата. Од Министерството за финансии за „Независен“ велат дека станува збор за финансирање на проектираниот буџетски дефицит и отплата на достасани обврски во 2026 година.
Информацијата за новото задолжување беше спомената во една од точките на дневен ред на владините седници. Притоа, беше наведено дека станува збор за „Информација за потенцијално задолжување на Република Северна Македонија со заем на меѓународниот пазар на капитал во износ до 300.000.000 евра“, ставена како точка на дневен ред на 149. седница на Владата.
На прашањето на „Независен“ до Министерството за финансии дали станува збор за ново задолжување, кога се планира да се реализира, за што ќе бидат наменети овие средства и како ќе влијае врз нивото на јавниот долг, го добивме следниот одговор:
„Ве информираме дека Владата на седницата одржана на 10 февруари го задолжи Министерството за финансии да отпочне со постапка за разгледување на можностите за потенцијално задолжување на меѓународниот пазар на капитал за навремено обезбедување средства за финансирање на проектираниот буџетски дефицит и отплата на достасани обврски во 2026 година. При изборот на инструментот Министерството за финансии ги зема предвид трошоците, роковите и условите за задолжување, а при тоа го има предвид и одржувањето на макрофинансиската и фискалната стабилност. Имено, задолжувањето на меѓународниот пазар е планирано со Буџетот за 2026 година, како и со Ревидираната фискална стратегија 2026-2030 година и Ревидираната стратегија за управување со јавен долг 2026-2028 (со изгледи до 2030)“.

Во средината на јануари Македонија излезе на меѓународниот пазар на капитал со издавање две еврообврзници. Аукцијата беше оценета како успешна од страна на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која рече дека претставува значаен чекор во управувањето со јавните финансии и јасен сигнал за довербата на меѓународните инвеститори во економските политики на Владата.
Задолжувањето се реализира преку две транши од по 500 милиони евра, со рок на доспевање од четири и од осум години. Ваквата структура, како што оцени Димитриеска-Кочоска овозможува оптимално распоредување на обврските во среден и долг рок, како и дополнително намалување на ризиците поврзани со рефинансирање.
За траншата со рок од 4 години каматата изнесува 3,875 проценти, а за траншата со рок од 8 години 4,75 проценти. Од Министерството за финансии не излегоа со податоци колку изнесува приносот на обврзниците, односно цената која ја добиваат кредиторите за одобрените средства.
Во 2026 година, вкупните обврски за отплата на домашниот и меѓународниот пазар изнесуваат околу 1,563 милијарди евра, во 2027 година 1,579 милијарди евра, во 2028 година 1,971 милијарди евра.
Новото најавено задолжување од 300 милиони евра, според економистите, покажува дека Буџетот не е во најдобра кондиција, односно е доказ дека има проиблеми со ликвидноста.
Во денешниот подкаст „Каде се парите“ со Горан Теменугов, универзитетскиот професор Никола Поповски, кој е и поранешен министер за финансии, рече дека „веројатно е во прашање сериозна неликвидност на буџетот заради тоа што расходната страна е прилично раширена и веројатно приходната страна не се одвива со динамика која е зацртана“.
Тој рече дека новото задолжување ќе значи ново зголемување на јавниот долг, односно дека овие 300 милиони евра се околу 2 отсто од домашниот бруто-производ, што во многу европски земји е дефицитот на годишно ниво, „а ние ја издаваме попатно да надминеме некои ликвидносни проблеми“.
Според податоците на Министерствот за финансии, јавниот долг на државава заклучно со 31 декември 2025 година изнесуваше 10.064,1 милиони евра односно 59,6 проценти од Бруто домашниот производ (БДП). Димитриеска-Кочоска притоа рече дека не очекува јавниот долг до крајот на годинава да надмине 60 проценти од БДП, но сепак, зависи од реализацијата на приходите.

„За оваа година планиравме и проектиравме реални даночни приходи, а моите очекувања се дека може да има и одредено надминување, особено имајќи предвид дека треба да започне со целосна примена системот Е-фактура“, рече таа.
Во неодамнешаната оцена за земјата од страна на агенцијата „Стандард и Пурс“ во кој го задржа кредитниот рејтинг ББ- со стабилни изгледи, се нотира дека со усвоениот Буџет за 2025 година, дефицитот е проектиран на 4 отсто од БДП. Приходите се очекува да се зголемат за 13%, достигнувајќи 35,7% од БДП, поттикнати од поголемата наплата на даноци и придонеси за социјално осигурување, како и повисоки стапки на економски раст. Расходите ќе забележат раст од 10,3%, што изнесува 40% од БДП, пред сѐ заради повисоките плати во јавниот сектор и социјални трансфери, повеќе средства за здравствена заштита, како и за капитални инвестиции, кои се планирани на 47,2 милијарди денари или 4,2% од БДП. Притисок врз остварување на проектираниот буџетски дефицит според „Стандард и пурс“ може да претставуваат меѓу другото осварувањето на пониски стапки на раст од проектираното, помалата наплата на даноците, сивата економијата, како и згоелмување на трошоците за инвестциите.