Владата ќе потроши милион евра за да ги „скроти“ цените на храната


Фото: Б. Грданоски
 

Милион евра помалку во буџетот – ќе биде финансиската последица од одлуката на Владата да ги намали  увозните давачки на одредени видови овошје и зеленчук, за да го запре ценовното цунами во земјата кое ја направи прескапа храната за домаќинствата. За министерот за финансии Фатмир Бесими  клучно е сепак намалувањето на цените, а не буџетските финансиски импликации. 

-Главната цел беше да се влијае на цените на овие производи за да бидат пониски на пазарот. Фискалните давачки не беа приоритет, особено поради фактот што се работи за автономни мерки со времено траење. Сметавме дека ќе се влијае директно позитивно на пазарот затоа што вкупните давачки, и царински и даночни, за овие производи достигнуваат 65 проценти и сметавме дека така ќе има позитивно влијание. Но, фискалните импликации се помалку поради МФН правилата на повластени тарифи и согласно Светската трговска организација во голем дел имаме нула тарифа, а во некои имаме и квантитативни мерки. Според некои првични проценки сумата нема да достигне милион евра вкупниот фискален ефект од овие мерки, а во стопанството и во нашата економија значително ќе влијае на цените на овие производи, изјави Бесими. 

Околу дилемата како и се случи на Македонија субвенционирано овошје и зеленчук да се извезува, а истите трговци да увезуваат поскапо овошје и зеленчук за дома, Бесими рече дека сме либерална економија со обврски согласно членството во Светската трговска организација,  со кандидатскиот статус за ЕУ и со Договорот за стабилизација и асоцијација (кои бараат слободна трговија и пазарна економија).

-Трговците,  покрај тоа што се водени од мотивацијата за зголемување на профитот, сепак, ако цените беа поволни требаше да се понудат производи на домашниот пазар. Од формален аспект не можеме да ги ограничиме затоа што сме обврзани со  меѓународни договори во однос на интеграција на пазарите, но има доста мерки и активности што Владата ги презема, за ограничување на маржите, како и за гарантирање на цените кои се времени мерки. Овие се административни мерки, но се поддржани со многу други мерки за ефектот врз трговците да не биде директно на штета на нивниот бизнис и функционирање, а сепак како Влада одговорни сме цените да не влегуваат во фазата на шпекулативни и да значат повисоки цени за нашите граѓани, потрошувачите,  изјави Бесими. 

Тој очекува  утре на пленарна седница да се изгласа Предлог одлуката за прераспределба на средства во Буџетот, со која се предвидени 4,5 милијарди денари за антикризни мерки.

-Владата ќе излезе со конкретен предлог,  како и досега за субвенционирањето на електричната енергија за домаќинствата, а ќе има и мерки за поддршка најранливите категории на граѓани, но и поддршка за стопанството. Една од мерките за поддршка на стопанството е и зелената обврзница во износ од 10 милиони евра за која минатата среда беше објавен проспектот, а оваа среда ќе има аукција. Средствата ќе одат во Развојната банка за поддршка на стопанството за обврски и кредити за енергетска ефикасност, изјави Бесими.

Најави дека во текот на годинава за стопанството ќе станат оперативни  100-те милиони евра што се обезбедени од Европската инвестициска банка, како и дополнителни 50 милиони евра за мали и средни претпријатија за поддршка на зелена транзиција и на жени претприемачи.

-Веќе се прават мерките, Владата ќе излезе со конкретниот пакет и во наредниот период ќе се знае кои мерки ќе бидат презентирани, рече министерот за финансии.