Владата ја усвоила програмата за 2026, портпаролката не ја спомена ЕУ
Портпаролката на Владата, Марија Митева, на прес-конференција објави дека кабинетот на Христијан Мицкоски на денешната седница ја усвоил програмата за работа во 2026 година, но во нејзиното подолго уводно излагање не ја спомена Европската унија. Иако рече дека владата е посветена на „европската иднина“. Таа главно ги наведе работите што веќе се во тек, реформите што треба да продолжат и ќе се преземат. Зборуваше за дигиталната трансформација, реформата на јавната администрација, Изборниот законик.
Според неа, документот на 400 страници ги опфаќа надлежностите на законодавната, но и на извршната власт и претставува јасна мапа за реформите што следуваат и кои директно ќе влијаат врз квалитетот на животот на граѓаните, функционалноста на институциите, но и на европската перспектива на државата.
„Фокусот е ставен таму каде што државата има најголема одговорност, здравството и образованието. Предвидени се нови, современи и системски закони кои го уредуваат високото и средното образование, научно-истражувачката дејност, но и педагошката служба, како и унапредување на статусот и професионалниот развој на наставниот кадар.
Владата силно ја турка и дигиталната трансформација, меѓу другото преку носење на нов Закон за електронска фактура, со кој дигитализацијата на даночните процедури станува клучен столб на даночната реформа.
Реформата на правосудството останува наш висок приоритет. Во надлежност на Министерството за правда се предвидени измени на Изборниот законик, со целосно инкорпорирање на препораките од меѓународните мисии, како јасен сигнал за посветеноста кон демократски стандарди, фер избори, но и владеење на правото“, рече таа.
Митева нагласи дека особено значаен сегмент е реформата на јавната администрација. „Предвидени се системски закони за висока раководна служба, унапредување со квалитетот во јавниот сектор и за првпат воспоставување на единствен систем на плати во јавниот сектор“, нагласи Митева.
Портпаролката уште кажа дека „во економски и промотивен контекст, се отвора ново поглавје преку национално брендирање на туризмот, економијата и државата, под еден јасен, препознатлив и современ имиџ. Ова е силна можност Македонија стратешки да се позиционира пред европската јавност како атрактивна туристичка дестинација и стабилна, отворена економија со сериозен инвестициски потенцијал“.
Митева нагласи дека програмата ја отсликува политичката волја на оваа Влада за реформи, стабилност, но и европска иднина.
Програмата за 2026 уште не е објавена на веб-страницата на Владата.