Владата им „скрои“ закон на бугарските клубови
Владата го стави на јавна расправа Нацрт- законот за здруженија и фондации, чие носење беше директно испровоцирано од активностите на бугарските здруженија и клубови, кои доведоа до физички инциденти, пораст на говорот на омраза и најниско ниво на македонско-бугарските односи. Со новиот закон пред се треба да се уреди како ќе се (зло)употребуваат имиња на историски личности во време кога Софија ни ја спори официјалната историја.
Според текстот што е предмет на јавна расправа, здруженијата, фондациите и организациите, за да го користат името Македонија , вклучувајќи ги кратенките и зборовите извадени од него, мора да добијат одобрување од – Министерството за правда.
Исто така со законот ќе се забрани упис, т.е. регистрација на организација, здружение или фондација „ако називот, името, скратеното име, програмата, целите, дејностите и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Северна Македонија“. Се забранува исто така ако сите тие водат до „поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, дискриминација, насилство, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка, поттикнување и одобрување на фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот рајх, преземање на активности поврзани со тероризам, преземање на активности кои се спротивни на Уставот или на законот и преземање на активности со кои се повредуваат слободите и правата на други лица“.
Преведено на обичен јазик, бугарските здруженија сега законски не можат да го носат името на Ванчо Михајлов и други контроверзни личности за Македонија, а забраната е толку широка и по толку основи што прашање е дали ќе можат и да ги именуваат „Гоце Делчев“ бидејќи има историски спор за неговата улога, т.е. за кого се борел.
Законот исто така одредува дека „како име, скратено име и/или назив на организација не можат да бидат употребувани имиња, презимиња, прекари, псевдоними, кратенки и иницијали на лица кои по која било основа, начин или форма биле или се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот рајх“.
Понатаму се оди чекор повеќе, па се утврдува дека „за употреба на име, презиме, псевдоним, прекар, кратенка или иницијали на личност согласност дава министерот за правда, по претходно добиено позитивно мислење од Комисијата за употреба на имињата на личности“, која ќе биде формирана специјално за оваа намена од страна на Владата.
Од своја страна, државата се обврзува дека со сите организации ќе постапува согласно начелата на еднаквост и недискриминација. На ваквите организации им се забранува политичка активност , па и индиректно финансирање на политичка партија, а откако ќе се донесе новиот закон сите здруженија, организации и фондации ќе треба да се пререгистрираат според новите правила во рок од една година. (С.Ј.)