Владата го прифати Националниот план за вакцинација за Ковид-19, вакцини нема
Владата на Република Северна Македонија на денешната 41-ва редовна седница го разгледа и го прифати Националниот план за Ковид-19 вакцинација во Северна Македонија и го задолжи Министерството за здравство и другите надлежни институции да го имплементираат и да доставуваат редовни месечни извештаи за остварениот напредок.
Вакцинацијата во државата ќе се спроведува во три фази во кои се опфатени различни категории граѓани. Фазите ќе бидат во согласност со првичните количини на достапни вакцини и ризичните приоритетни групи за вакцинација. Три главни групи се приоритетни, со цел да се обезбеди функционирање на здравствениот систем, да се заштитат лицата со најголем ризик од заболување, компликации и смрт и да се одржат основните услуги на критичната инфраструктура.
За спроведување на вакцинацијата ќе се користи постоечката здравствена инфраструктура и стручниот кадар кој досега ги спроведува вакцинациите во државата. Организацијата на системот ќе биде адаптирана согласно условите и во моментот кога ќе има поголем број на вакцини, вакцинацијата ќе се спроведува во поширок опсег со можност за вклучување на повеќе вакцинални тимови и отворање на пунктови.
Националниот план опфаќа и безбедна и сигурна логистичка поддршка за прием, складирање и дистрибуција на вакцините до вакциналните пунктови каде што ќе се спроведува вакцинацијата.
Од друга, страна, во Македонија се уште нема вакцини ниту преку Ковакс механизмот, ниту ветените од Бугарија, Грција, па и од Србија, ниту директно нарачани од производителите.
Денеска министерот за здравство, Венко Филипче, најави дека вакцини ќе набавуваме и од Кина.
„Очекуваме детали во следните денови, инаку станува збор за 200.000 дози кои што планираме да стигнат од Кина. Сите треба да стигнат веднаш“, изјави денес министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој додаде дека Македонија останува доследна во согласност со механизмот Ковакс и чека одговор на „Фајзер“ во врска со дозволата на администрацијата за количините што треба да дојдат од Србија, но исто така посочи дека сака да набави соодветни количини вакцини од сите производители планираната имунизација може да се врши континуирано.
„Ние аплициравме во неколку механизми, преку ковакс механизмот во петок имаме закажано состанок со претставниците, за да ни кажат кога точно ќе пристигнат во февруари и колкава количина ќе пристигна во земјава“, истакна Филипче.
За руската вакцина, тој вели дека таа нема добиено зелено светло од Европските регулативи, но смета дека тоа не е проблем за таа да се набави и користи во земјава.