И Владата бара греење

Владата ги повикува надлежните компании, градските и општинските власти итно да постапуваат по своите надлежности и да обезбедат топлинска енергија во домовите на Скопјани


Владата ги повикува надлежните компании, градските и општинските власти итно да постапуваат по своите надлежности и да обезбедат топлинска енергија во домовите на граѓаните на Град Скопје.Владата ги помага и граѓаните, и општините, и Градот Скопје, но, како што наведуваат, кога се во прашање финансиски обврски кон давателите на јавни услуги, први повикани се надлежните локални власти.

Од Владата велат дека во текот на следната недела ќе се разгледуваат можности за дополнителна помош, но едностран раскин на договорните обврски и прекин на греењето на штета на граѓаните и домаќинствата во зимски услови не може да биде ниту оправдано ниту прифатливо.

Граѓани на Скопје, пред се од Скопје Север и Топанско Поле, деновиве со реакции до медимите се пожалија дека се без парно или греењето е многу слабо. Од Топланата Скопје Север потврдија дека не испорачуваат топлинска енергија и дека очекуваат од понеделник Општина Чаир да си го подмири долгот, за да може да купат гас.

Од БЕГ пак, и покрај реакциите на жители на скопски Центар се жалат дека и денеска останале без парно, сооопштија дека  “во услови на енергетска криза системот работи во оптимизиран режим се со цел внатрешната температура во домовите да се одржува на 20 степени. доколку некои објекти се соочуваат со локален проблем или имаат температура во домовите под 20 c, треба да пријават во центарот за грижа на потрошувачи.

Согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, цената парното греење во Скопје од овој месец е зголемена за 14 отсто.