Вкупно 15.000 посетители на Саемот на мебел одржан минатата недела


Годинашното издание на Саем на мебел, кој се одржа од 25 до 29 март во комплексот Борис Трајковски под слоганот „Инспирација за секој дом“, привлече бројни посетители – над 15.000 љубители на дизајнот, ентериерот и иновациите имаа можност да ги откријат најновите трендови во уредувањето на домот. Во текот на петте саемски денови, манифестацијата ја потврди својата позиција како еден од најзначајните настани во областа на домувањето, дизајнот и уредувањето на простор.

Посетителите имаа можност да разгледаат богата и разновидна понуда од повеќе од 70 брендови од индустријата за мебел, ентериер и опремување на домот. Посебно внимание привлекоа дизајнерските штандови, иновативните решенија и современите концепти за уредување, кои понудија нова перспектива за функционално и естетско обликување на животниот простор.

Во текот на саемот беа остварени бројни деловни средби и контакти, што дополнително ја потврдува улогата на Саемот како важна платформа за поврзување на бизнис-заедницата и потрошувачите. Изложувачите имаа можност директно да ги претстават своите производи и услуги, да ја зголемат видливоста на своите брендови и да воспостават нови соработки.

Партнер на Саемот на мебел 2026 беше Комерцијална банка, чија поддршка придонесе за успешна реализација на настанот и негово понатамошно позиционирање како релевантна платформа за иновации, дизајн и современо живеење.

Саемот на мебел 2026 уште еднаш покажа дека интересот за уредување на домот, квалитетен дизајн и современи решенија е во постојан пораст, најавувајќи уште посилно и поинспиративно издание во иднина.