„Визер“ издава двојни билети за наше добро


Авиокомпанијата „Визер“, која добива субвенции од државата, потврди дека издава двојни билети, но минимално, за што повеќе патници да можат да патуваат.

„’Визер’, во согласност со практиката на авионската индустрија и применливата легислатива за заштита на потрошувачите, дозволува минимално пребукирање на своите најпопуларни рути, со цел да овозможи повеќе патници да патуваат, наместо некои седишта да останат празни поради патниците кои воопшто не се појавиле“, ни изјавија од авиокомпанијата.

„Независен весник“ пред една недела пишуваше дека осум патници извисиле на саботниот лет од Берлин за Скопје. Нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ на патниците со регуларни резервации им рекла дека не можат да влезат во авионот затоа што нема место. А, меѓу осумтемина имало и лица со дипломатски пасоши.

Настанот се случил на аеродромот „Шенефелд“, а според изјавата на сопругот на една патничка што не успеала да се качи в авион, иако имала дури и дипломатски пасош, со пребукирање на седишта не се судриле првпат.

„‘Визер’ имал политика да им откажува на тие што се чекираат последни, во случај кога сите што купиле карта ќе се пријават на летот“, ни изјави соговорникот објаснувајќи дека неговата сопруга го чекирала билетот во петокот, но авионот на саботниот лет бил преполн. На ќерка им, која имала резервација уште од Скопје, ѝ рекле дека е на списокот на патници и ѝ дозволиле да влезе во авион, но на неговата сопруга не. Аеродромскиот службеник ѝ рекол дека ќе ја вратат со следниот лет и дека ќе добие компензација. Проблем било што неговата сопруга морала да се јави на работа веќе в понеделник.

Дополнителна тензија им кренало тоа што на аеродромот немало кому да се обратат затоа што немало претставник на ‘Визер’. Им рекле дека комуникацијата со авиокомпанијата се одвива преку мејл. Дипломатката што останала во Берлин, цела ноќ ја минала во барање билет за враќање в недела, и успеала да најде, но само до Приштина. Сопругот вели дека малтретирањето што го доживеале не се плаќа со ништо, а по меѓународна конвенција можела да наплати максимум 250-300 евра.

Од „Визер“, објаснувајќи што во случај кога сите патници ќе се појават на летот, изјавија:

„Во исклучително неверојатен случај каде што сите патници се појавуваат, на волонтери ќе им бидат понудени oпции да патуваат подоцна или, пак, патниците што се чекирале последни ќе бидат сместени во следниот лет и ќе им биде даден надоместок согласно законот за патнички права“. Инаку, следниот лет од Берлин бил за три дена.

Во првиот квартал од годината со „Визер“ во Македонија летале 324.000 патници. На македонскиот пазар „Визер“ покрива над 67 отсто од сите дојдовни и појдовни летови. Со третиот договор за субвенционирање на летовите, државата на „Визер“ ќе му исплати 5 милиони евра за период од 2019 до 2022 година. Во нив влегуваат еднократна помош од 40.000 евра за секоја нова дестинација од Скопје, 9 евра по патник во првата година од договорот, 8 евра во втората година, а по 7 во третата. За секоја нова дестинација од Охрид поддршката ќе биде 13 евра по патник во првата година, 12 евра во втората и 11 во третата година.

Анита Салтировска