Кочовска: Ова е најтешкиот буџет досега


Ова е најтешкиот буџет што го изработило Министерството за финансии, односно секторот буџет. Приоритет се законските обврски – платите, пензиите, социјалната димензија, но и покрај сите ризици кои не можат да се предвидат, буџетската позиција е стабилна, истакна на брифингот со новинарите министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

„Приходната страна е особено внимателно проектирана во однос на инфлацијата. Во свет полн со тензии малку треба за да се изместат условите. Инфлацијата е проектирана на 3,2 проценти, а даночните приходи се повиски за 6,4 проценти, што е реална проекција“, вели министерката.

Сепак, во тој дел не се пресметани ефектите од е-фактура, проектот чијашто примена се одложи за април 2027 година, а не е сигурно ниту дали ќе биде запазен и тој рок.
 
Идната година за наплата достигнуваат и одделни претходни задолжувања и за да се обезбедат потребните средства, ќе биде издадена еврообврзница. Притоа, Димитриеска-Кочоска истакна дека не е работата само во тоа колку средства се позајмени, туку и за што се искористени.

Јавниот долг, укажа министерката, како процент од БДП бележи намалување, што произлегло како резултат од бенчмарк ревизијата на податоците направена од Државниот завод за статистика.

Јавниот долг на крајот од третиот годинешен квартал е 10,9 милијарди евра или 56,6 отсто од БДП. До крајот на годинава, проценка е дека ќе дојде до 11,25 милијарди евра, што е 58,2 отсто од бруто домашниот производ. Проекциите на Министерството за финансии, пак, се дека до крајот на 2027 година ќе се достигне износ од 12,3 милијарди евра, односно 59,7 отсто од БДП.

Треба да се има предвид, посочи министерката, дека во јавниот долг се и проектите за железницата и патиштата.Исто така, таа истакна дека кај капиталните расходи од 2025 година се применува нова методологија за нивно прикажување во Буџетот, која не ги вклучува трансферите и субвенциите. Во 2020 година се реализирале 13,8 милијарди денари, во 2021 година 16,3 милијарди денари, во 2022 година 19,5 милијарди денари, во 2023 година 35,5 милијарди денари, во 2024 година 23,9 милијарди денари, во 2025 година 28,5 милијарди денари. Заклучно со октомври има реализација на 27 милијарди денари, а за 2027 година се предвидени 40,8 милијарди денари, наведе Димитриеска-Кочоска.

Проекциите за Буџетот 2027 се приходи од 6,43 милијарди евра, расходи 7,16 милијарди евра, дефицит од 731,7 милиони евра и капитални инвестиции од 663,4 милиони евра. Дефицитот во ПИОМ за исплата на пензииите ќе се покрие со 42 милијари денари, односно со 683 милиони евра, а дополнително, за транзициските трошоци е предвидена сума од речиси 319 милиони евра. Средствата потребни за исплата за плати се за 6,6 насто повисоки од годинешните, или за околу 57 милиони евра.

Повеќе пари ќе добијат – судската власт за 19 насто и Јавното обвинителство за 9 насто. Тука се пресметани и 200-те нови вработувања. Исто така, зголемени се и средствата што ќе ги добие Министерството за одбраната, каде се издвојуваат 2 отсто од БДП.

Растот на буџетите на институциите треба да биде во релација со проектираниот раст на даночните приходи, нагласи министерката и додаде дека согласно владината програма, нема да се случат промени кај даночните стапки.  Таа потенцираше дека наредната година, само за да се отплатат долговите потребни се 124 милијарди денари (околу две милијарди евра). Сепак, според министерката, на расходната страна се предвидени сите законски обврски, па ќе има зголемување на платите, пензиите, планирани социјални надоместоци и капитални инвестиции.