Виткоф и Кушнер заминуваат, директорот на ЦИА ќе ги води преговорите со Русија и Украина
Посетата на Стив Виткоф на Русија минатата сабота, во својство на специјален пратеник на Доналд Трамп за мировните преговори за Украина, можеби е и негова последна. Осум посети на Москва (и само една на Киев) завршија без резултат. Сега Белата куќа размислува да ги повлече Виткоф и зетот на претседателот, Џaред Кушнер, од преговорите, изјавија за „Фајненшeл тајмс“ пет лица запознаени со плановите.
Директорот на ЦИА, Џон Ретклиф, се подготвува да ја преземе иницијативата за „шатл-дипломатија“, им соопштија американски функционери блиски до него на нивните европски колеги. Ретклиф ќе продолжи да одржува контакти со руските и украинските разузнавачки служби.
Белата куќа и ЦИА одбија да ги коментираат можните промени. Извори на „Фајненшeл тајмс“ информираа дека Трамп сè уште нема донесено конечна одлука. Сепак, веста за можното повлекување на Виткоф предизвика интерес во европските престолнини, кои очајно очекуваат некаков напредок по година и пол безуспешни преговори со Русија, пишува весникот.
За време на неговата последна средба со американските специјални пратеници, Путин изјави дека Москва има доверба во нив: „Овде, се разбира, квалитетот на посредувањето и довербата во оние што го спроведуваат се многу важни. Сакам да ви кажам дека ни е пријатно да соработуваме и, се разбира, нивото на доверба во оваа работа од наша страна е прилично високо“.
Сепак, истовремено, Кремљ му стави до знаење на Вашингтон дека е подготвен да разгледа нов пристап од страна на САД, според лица вклучени во неформални контакти со „Фајненшeл тајмс“. Според украински функционери и лица запознаени со ставот на Кремљ, Москва го смета Виткоф делумно одговорен за неуспехот да се постигне напредок на средбата меѓу Путин и Трамп на Аљаска во август 2025 година. Виткоф го убедил Трамп да го одржи самитот сугерирајќи дека Путин е отворен за одредени компромиси, но во Енкориџ ги изнел истите барања како и секогаш.
Од друга страна, Киев смета дека Виткоф не вложил доволно напори за да изврши притисок врз Путин да го ублажи својот став. Според две лица вклучени во заткулисните разговори за мировните иницијативи, американската администрација размислувала за реорганизација на својот преговарачки тим откако претходниот обид за постигнување договор пропадна кон крајот на февруари. Тие напори беа ставени во мирување бидејќи Вашингтон целосно се насочил кон војната во Иран.
Како резултат на тоа, дошло до надмудрување меѓу Ретклиф и Виткоф околу тоа кој ќе ја преземе водечката улога за одредени прашања, наведоа два извора за „Фајненшел тајмс“.
Пред пратениците на Трамп да ја посетат Москва, Ретклиф неочекувано и самиот отпатува таму. Како што подоцна изјавија извори за „Вашингтон пост“, неговата посета не го импресионирала Путин; напротив, тој ја протолкувал како знак на слабост и одлучил да ја ескалира ситуацијата преку засилено гранатирање на Украина. Понатаму, посетата на Виткоф и Кушнер минатата сабота – која според изворите на ФТ делумно претставувала обид тие самите да ја преземат контролата врз украинското прашање – исто така не дала никакви видливи резултати.
Лице запознаено со преговорите во Москва и Киев вака ги коментираше пратениците на Трамп, кои не понудиле ништо особено ново:
„Ако започнувате работи, а потоа ги напуштате, нема да решите ништо. Ова е многу сложен конфликт. Потребна е добро организирана и континуирана работа на секое прашање. А во моментов, тоа не е случај“.