Витакер: НАТО не смее да толерира намерни хибридни акции
Земјите-членки на НАТО не треба да толерираат намерни акции на хибридно војување, а САД ќе им дадат поддршка на земјите кои се соочуваат со такви инциденти, изјави денеска американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер.
Витакер изјави дека обидот за напад со дрон минатиот месец врз германскиот аеродром „Лајпциг-Хале“, за кој Берлин ја обвинува Русија, бил позагрижувачки од другите неодамнешни инциденти со кои се соочиле земјите членки на НАТО, а кои вклучувале руски дронови наменети за Украина, но кои скршнале од курсот.
– Потоа ги имате, како што би ги нарекол, позагрижувачките хибридни акции, како оние што ги видовме во Лајпциг и Полска, рече Витакер на маргините на деловна конференција во Италија, додавајќи дека членките на НАТО мора да бидат подготвени и внимателни, како и да испратат силна порака кога ќе се соочат со предизвиците што ги носат таквите настани.
– Ако можеме да утврдиме кој го прави тоа – а Германија го стори тоа – ќе се погрижиме јасно да ставиме до знаење дека тоа е неприфатливо и дека нема да го толерираме, изјави Витакер.
Тој предупреди дека цел на ваквите активности би можела да биде критична инфраструктура, вклучително и енергетските капацитети.
Одговорот на таквите предизвици првенствено е национален, но САД им даваат поддршка на земјите кога се соочуваат со такви постапки, заклучи Витакер.