Вистинската вистина: Системот „Ѓавато“ не работи, Дојранското Езеро е драматично повлечено (Галерија)
Каналот со кој се снабдува Дојранското Езеро е обраснат со трева. Се гледа дека таму долго, долго време не протекол ни литар вода. Во езерото е ризично да се капете

Вистинската вистина не била во Владата, како што тврди премиерот Христијан Мицкоски. Туку во фактите на теренот. Кај Дојран.
Пред неколку дена премиерот Мицкоски навредливо во стил а-ла Вучиќ се обиде да ја омаловажи новинарката која го праша што станува со системот „Ѓавато“ од каде треба да се напојува Дојранското Езеро, одговарајќи ѝ со прашање: „Дали сте виделе вие дека не работи“, за потоа да се сврти на другата страна и да каже: „Друго прашање“.
„Независен“ денеска беше во Дојран и со фотографии го документираше сувиот обраснат во треви канал од системот кој доаѓа во езерото кај Нов Дојран. Како што можете да видите од фотографиите на нашиот фоторепортер Борис Грданоски преку системот долго, долго време не протекла вода. Во исто време, Дојранското Езеро е толку повлечено што на некои места, кои се и за капење, е претворено во жабурник.

Според мерењата од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), нивото на Дојранското Езеро скоро една година постојано е околу 80 сантиметри под договорениот минимум. Езерото полека се празни и ако пред неколку години нивото на водата беше до шеталиштето и кејот, сега е повлечено десетина и повеќе метри и им создава проблеми на туристите како да се искапат, но и на дојранчани како да ги уредат плажите.

Во ноември 2024, со соодветна владина помпа, беа ставени во функција три потопни пумпи со капацитет од 200 литри во секунда. На настаното присуствуваа вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити и раководителот на системот Јован Попов. Но таа помпа траеше многу кратко, пумпите потоа беа исклучени. Затоа што треба да се поправаат, на многу места цевководот е оштетен, а има и многу диви приклучоци од земјоделците. Оттогаш, на системот „Ѓавато“ се заборави. Останаа само сликите од „пуштањето“ на трите пумпи и пригодните зборови со многу фалби.
Повеќе години државата крена раце од системот и не го одржуваше, затоа што природните водотеци и добрите врнежи го наполнија езерото, кое на многу места се излеваше на кејот.
Сега сликата е поинаква. На многу туристи им е и страв да влезат во езерото поради загаденоста во крајбрежниот дел, плашејќи се да не фатат некоја кожна болест.

Проблемот со водниот басен беше решен во 2002 година со пуштањето во употреба на хидросистемот „Спас за Дојранското Езеро“ со кој од бунарите во Ѓавато, богданско, се врши дотур на вода во Дојранското Езеро. Во последните три години системот не работеше. Надлежните велееа и велат дека освен неодржувањето на коритото на системот, проблем е високата потрошувачка на струја. Сигурна дека струјата чини скапо, но уште поскап е намалениот туристички прилив во градот Дојран и околината. Плус последиците за живиот и флората во езерото.

Функционарњето на овој систем за снабдување со вода е слика на односот на државата кон проектите што ги направила. И тоа многу успешни проекти. Ние како да не знаеме што да правиме со нив откако ќе ги пуштиме во употреба. На пумпите веројатно им треба репарирање, што е прилично струлчна работа, но за санирање на бетонските канали не е потребна некоја научна умешност. Само треба да се има волја, план и да се работи. А тоа го нема. Владата како да не ја интересира овој проблем, а во исто време стигнуваат многу фалби како се произведувало толку многу струја од обновливи извори, што немало каде да се складира. (Н.В.)