Високата цена го попишманила Николоски за тунелот на делницата Гостивар – Букојчани


Дел од пробиената траса од автопатот Гостивар - Букојчани

 

Наместо низ тунел долг 5,3 километри, на автопатската делница од Гостивар до Букојчани, која што ја гради конзорциумот „Бехтел и Енка“, автомобилите (кога ќе биде завршен проектот) ќе мора да возат по угорнина (или удолнина) под агол од шест степени. Ова, и за искусните возачи, не е баш пријатно искуство, особено ако се има предвид дека станува збор за планински предел и за голем број свиоци.

Зошто Министерството за транспорт се реши за вакво сообраќајно решение, наместо тунел изграден по сите стандарди? Одговорот на ова прашање го даде министерот за транспорт, Александар Николоски, во интервју за „360 степени“.

„Разликата со и без тунел е 250 милиони евра. Ако се одеше со тунел проектот требаше да поскапи за 250 милиони евра, средства што Македонија не може да ги издржи затоа што се работи за долг тунел од 5,3 километри“, изјави Николоски.

Според него, била донесена најрационалната одлука, имајќи ги предвид економските состојби во државата и можноста да се финансира овој проект.

Луѓе коишто се од градежништвото велат дека автопат сепак се прави еднаш и доколку се изградеше, тунелот ќе беше своевиден белег, но и градителско достигнување кое ќе ставеше печат на овој и онака скап проект.

Николоски вели дека ако се прашувал тој и кога би имал неограничени средства, секако дека би одел со тунел. „Но, имајќи предвид дека километар тунел е 50 милиони евра, не може да влезам во проект којшто утре нема да може да го плаќаме“, вели тој.

Притоа, објаснува дека проценетата вредност на тунелот била 250 милиони евра, но имало и маргина на отстапка од 25 проценти.

„Теориски може да е 25 проценти минус (поевтин, н.з.) , но и плус, што значи дека тунелот може да достигне и 300 милиони евра. Колку и да е добро геолошкото истражување, кога се работи за тунел се става таа маргина од 25 отсто, не може да се има во предвид што сѐ ќе се најде“, вели Николоски.

На прашањето што ќе значи ваквото решение (без тунел) за нагибот на автопатот и дали воопшто може да стане збор за категорија автопат при такви околности, Николоски рече дека е и на овој дел ќе се вози со брзини од 110 до 130 километри на час.

„Сакам да бидам прецизен. Од 31 километар автопат, на 14 километри има до шест проценти нагиб или пад, зависи дали ќе се качува или спушта возилото, што е под стандардот за автопат, затоа што стандард за автопат е до седум проценти. Значи, ова е до еден процент пониско и не е секаде шест, има и со четири, со пет проценти и слично“, рече Николоски.

Според него ваквото решение исто така ќе овозможи брзини од 110 – 130 километри на час, што се стандарди за автопат.

„Кривините се многу поблаги онаму каде што ги има, а се знае како се градат мостови, еден веќе е готов, го презентиравме, така што проектантите и инженерите го решаваат согласно на најновите светски практики“, рече Николоски.

Тој се осврна и на компанијата која што го гради автопатот, конзорциумот „Бехтел и Енка“, за што додека беа во опозиција, ВМРО-ДПМНЕ имаа многу забелешки.

„Се работи за компанија за која што ние сме имале многу забелешки во однос на договорот. Јас се уште имам и жал ми е што не дозволуваат да го објавиме договорот. Но, во исто време, станува збор за компанија којашто е многу сериозна и која што сериозно си ја работи работата“, рече Николоски.

Инаку, договорот за изградба на Коридорите 8 и 10-Д се состои од четири делници со вкупна должина од 109 километри. Рокот за нивно завршување е декември 2029 година. Поради забелешките од УНЕСКО сѐ уште не е почната работата на делот од Требеништа кон Ќафасан, на македонско албанската граница, додека на трите други делници (Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани и Прилеп – Битола) се во тек се градежни активности. Делницата Гостивар – Букојчани практично треба да го премости преминот Стража.

„Независен“ веќе пишуваше дека одлуката за промена на трасата на делот од Гостивар до Букојчани се споменува во извештајот за надзорот што деновиве беше објавен на интернет страницата на ЈП за државни патишта.

„Заклучно со 08.07.2025 година, во Извадокот од Нацрт-записникот од Деведесеттата седница на Владата на Република Северна Македонија бр.50–6718/4, Инвеститорот донесе конечна одлука во врска со трасата на автопатот во Делница 2, потврдувајќи ја планинската варијанта на трасата предложена од страна на Проектантот. Во согласност со одлуката на Инвеститорот, процентот на завршеност на тековните работи во Делница 2 беше ревидиран“, стои во извештајот за надзорот.

Во записникот од 90-та седница на Владата, пак, се вели дека Владата ја разгледала Информацијата во врска со задолжението од 73. седница „за компаративната анализа за трите варијантни решенија за изведба на Делница 2: Гостивар – Букојчани, со прилози, ја усвои и му укажа на Јавното претпријатие за државни патишта преку договорните механизми, во соработка со изведувачот ‘Бехтел и Енка“ да изработи проектна документација за финансиски, економски и временски поисплатливата планинска варијанта и да се започне со градба на истата“.

Во записникот од 73. владина седница, пак, одржана на 13 мај 2025 година, се наведува дека биле разгледани опции за изнаоѓање на оптимално решение за избор на варијанта за изведба на Делница 2, при што биле донесени и неколку заклучоци, меѓу кои и ЈПДП „по направената техничко-економска анализа, да достави до Владата информација со компаративна анализа за трите анализирани варијантни решенија за изведба на Делница 2: Гостивар – Букојчани“.

Инаку, според првичниот проект, односно одлуката што ја изгласа претходната влада, се предвидуваше проектирање и изградба на тунел во должина од 5 километри на автопатот Гостивар – Букојчани.

ДУИ своевремено реагираше на откажување на тунелот, велејќи дека дека ваквата одлука (со тунел) била донесена по завршувањето на сите геомеханички анализи и истражувања за избор на најдобрата варијанта за изградба на оваа патна оска, која е побрза и побезбедна за развој на сообраќајот, а воедно и поекономична за одржување. Со оваа одлука се решаваат проблемите при изградбата на овој дел од автопатот бидејќи во спротивно ќе има проблеми кои би го продолжиле времето и трошоците за изградба, проблеми кои се евидентни во реализацијата на проектите започнати во изминатиот период“, изјавија од ДУИ во средината на 2024 година, посочувајќи дека откажувањето од тунелот е чекор назад во напорите за подобрување на инфраструктурата и зајакнување на стратешката позиција на нашата земја во регионот.

 

На истата тема:

 

Експропријацијата на Гостивар – Букојчани: Николоски вели 90 отсто е завршена, надзорот наведува 53 отсто