Винската индустрија пред колапс, бара поддршка од државата


Доколку не се размислува рационално и не се дејствува брзо и одлучно, постои реална опасност од целосен колапс на македонската винска индустрија која обезбедува годишен извоз од околу 50 милиони евра и обезбедува работа и социјална сигурност за околу 30.000 индивидуални земјоделски стопанства, 12.000 сезонски работници и повеќе од 2.500 вработени во 74 регистрирани домашни винарски визби, предупредува здружението „Вина од Македонија“ (ВОМ).

ВОМ укажува дека за да се откупи грозјето од годинашната берба по дефинирани цени, ќе биде неопходна директна финансиска поддршка од државата.

Според ВОМ, во кое членуваат најголемите производители и извозници на вино во земјата, падот на продажбата на вино на домашниот пазар е до 80 проценти, пред сѐ поради намалениот промет во угостителскиот и туристичкиот сектор каде се остварува најголем дел од потрошувачката на флаширано вино. Обидите, пак, на големите производители на вино од Италија, Шпанија и Франција да се ослободат од големите залихи, предизвикаа намалување на цените на виното на клучните извозни пазари, особено на наливното, за повеќе од 40 отсто, што креира дополнителен притисок за намалување на цената на македонското вино кое се пласира на странските пазари и намалување на вкупниот девизен прилив од извозот на вино.

– Драстичното намалување на продажбата на вино на домашниот пазар и намалувањето на цените на виното на главните извозни пазари сериозно ја влошија финансиската стабилност и ликвидност на македонските винарници, што го доведоа во прашање редовното производството на вино и реализацијата на годинешниот откуп на грозје и претставува потенцијален проблем и за лозарите и за државата. Во вакви крајно отежнати околности, македонските производители и извозници на вино се приморани да ги прилагодат своите деловни планови, вклучувајќи ја и ценовната политика за откуп на грозјето спрема условите што ги диктира пазарот и ситуацијата предизвикана од Kовид-19. Производителите, а особено извозниците на наливно вино се соочуваат со големи ценовни притисоци на светско ниво, што ја прави откупната цена нереална и невозможна без интервенција од државата. Дополнително, намалената побарувачка, како на домашно, така и на светско ниво, влијае и на потребите од количини грозје со што се става под знак прашање откупот на целата реколта, наведува ВОМ.

За да се избегне целосниот колапс на македонската винска индустрија и лозарство, Здружението од март до јули 2020 иницираше повеќе средби со претставниците на надлежните институции на кои беа презентирани конкретен сет мерки кои требаше да обезбедат поддршка и поттик за целокупниот македонски вински сектор, по примерот на мерките за поддршка кои ги применуваат владите во другите земји – големи производители на вино. Но, и покрај презентираните аргументи, Владата, според ВОМ, досега не донесе одлука за ова прашање.