Винариите да аплицираат за нови средства, со првиот ИПАРД 3 повик на располагање над 30 милиони евра


Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска го најави објавувањето на првиот ИПАРД 3 повик, вреден над 30 милиони евра, кој, како што рече, е со најголем буџет досега.

-Лидери сме во регионот по инвестиции од ИПАРД програмата меѓу кои има и инвестиции во винската индустрија. Први во регионот почнуваме со ИПАРД 3 програмата и буџет кој е зголемен за 62 отсто. На располагање имаме вкупно 120 милиони евра, рече Никиловски по посетата на винаријата Камник.

Тој ги повика винариите да аплицираат за нови средства со кои, напомена, ќе го зголемат и модернизираат производството.

Земјава оваа година, заклучно со 30 јуни, извезла вкупно 462.725 хектолитри вино, и наливно и флаширано вино, во вредност од 39.119 милиони евра.

-МЗШВ досега, за седум години, од 2016 – 2022-ра исплатило 89 милиони евра вкупно во секторот и тоа, 71 милион за одржување лозови насади (субвенции), 10,5 милиони за поддршка во време на КОВИД, три милиони за извезено преку интервентната програма за поддршка на винарски визби, еден милион за саеми, 590 000 евра за мали семејни винарии, еден милион за поддршка на винарски визби преку ковид закон за транспортни трошоци, како и два милиона евра за визбите „Повардарие“ и „Стефани“. Вкупно се исплатени скоро 90 милиони евра, а само во 2022 година има прилив во овој сектор од извезено вино во вредност од 57.636 милиони евра, рече Николовски.