Виктор Орбан им дава дом на популистичките бегалци

Поранешниот полски заменик-министер за правда е последниот кој најде прибежиште во Унгарија бегајќи од правдата за сторените криминали. Владата на Орбан ги става под закрила криминализираните популистички пријатели


Марчин Романовски, поранешен заменик-министер за правда под сменетата полска влада на партијата Право и правда (ПиС), наводно проневерил повеќе од 100 милиони злоти (24,5 милиони долари) додека бил на функцијата. Доказите за криминалот се несоборливи: неговиот најблизок соработник, Томаш Мраз, соработувал со обвинителите, пренесувајќи снимени телефонски повици во кои Романовски и тој разговарале за собирање пари од јавниот фонд наменет за жртвите на криминал.

Кога парламентарната комисија и обвинителството го повикаа Романовски на распит, тој се преправаше дека е хоспитализиран, пред да исчезне без трага. Набрзо стана јасно каде отишол. Откако полското обвинителство издаде европски налог за апсење и црвено известување од Интерпол за него, унгарскиот премиер Виктор Орбан објави дека неговата влада ќе понуди азил на сите политичари кои страдаат од прогон во Полска. Дотогаш, Романовски очигледно веќе бил во Унгарија неколку дена.

Романовски не е првиот функционер на ПиС кој побегна во Унгарија. Откако беше повикан од друга парламентарна комисија, Даниел Обајтек, поранешен шеф на „Орлен“, најголемата полска државна компанија, исто така побара заштита од Орбан. Тој цинично се „кандидираше“ за место во Европскиот парламент од унгарска територија, а во Полска повторно стапна само откако беше избран и доби пратенички имунитет (полскиот обвинител оттогаш поднесе барање за одземање на овој статус).

Заштитата на корумпираните политичари не е ништо ново за Орбан. Тој веќе му даде азил на поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој побегна во Унгарија за да ја избегне затворската казна поради обвинение за корупција. И му дозволи на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро да се скрие во унгарската амбасада за време на истрагата за неговиот неуспешен обид за државен удар по неговиот изборен пораз во 2022 година.

Со оглед на тоа што циничните пратеници и министри на ПиС избегнуваат одговорност со бегство во Унгарија, можам да замислам дека партијата може дури и да формира „влада во егзил“ за време на премиерската функција на Доналд Туск. Во секој случај, азилот на Орбан за корумпираните ја стави владата на Туск во тешка позиција. Јавноста очекува одговорност за крадците, измамниците и другарите кои погрешно управуваа со работите на земјата во текот на претходната влада. Но, со оглед на тоа што обвинителството се движи премногу бавно, наиде на широко распространето разочарување.

Многумина стравуваат од повторување на она што се случи во Соединетите Држави, кога тркалата на правдата се движеа премногу бавно за да го повикаат Доналд Трамп одговорен за обидот за државен удар по изборите во 2020 година. Ниту една демократија не е безбедна ако политичарите можат да се обидат да ја соборат, или да потрошат стотици милиони долари од јавната каса, само за да се заминат во блиската мафијашка држава за да водат тивки, пристојни животи.

Без владеење на правото и политичка одговорност, демократските системи повеќе нема да имаат почит од јавноста или да имаат некаков легитимитет. Ќе се прошири цинизмот, граѓаните ќе се повлечат од граѓанскиот ангажман, а самите луѓе кои избегаа ќе имаат можност уште еднаш да ги зграпчат лостовите на власта.

Можеби ПиС и Орбан извојуваа мала, привремена победа над Туск, но на долг рок, Орбан може да биде најголемиот губитник. Иако моментално е еуфоричен по победата на Трамп, неговата земја наскоро ќе ја плати цената за неговотот угодување на рускиот претседател Владимир Путин. Договорот што му овозможи на рускиот природен гас да транзитира низ Украина до Унгарија и Словачка (со која владее друг проруски популист), меѓу другите земји, истече на крајот на 2024 година, а Украина одбива да го обнови.

Со оглед на тоа што Полска планира да поднесе жалба до Европската комисија да покрене постапка против Унгарија според член 259 од Договорот за функционирање на Европската унија, секоја земја-членка на ЕУ што го почитува законот треба да посвети големо внимание на тоа што ќе се случи понатаму. Ако ѝ се дозволи на Унгарија да стане рај за корумпираните политичари низ Европа, владеењето на правото ќе страда насекаде. Со толку високи влогови, ЕУ не може да си дозволи да замижува.

Орбан води политичка војна против либералниот демократски Запад во изминатата деценија, станувајќи креатура на Путин и кинескиот претседател Ши Џинпинг. Како што расте неговата зависност од нив, неговите напори да ја поткопа европската демократија само ќе се интензивираат. И колку повеќе тој станува изолиран во Европа, толку полесно ќе им биде на Русија и Кина да ја искористат неговата слабост. Унгарија ќе стане уште една Белорусија, толку зависна од странски диктатори што нејзиниот суверенитет е бесмислен.

Напорите на Орбан да го поткопаат владеењето на правото во европските земји можеби наидуваат на плодна почва меѓу десничарските нативисти, но тоа не е победничка долгорочна стратегија. Ако единствените пријатели ви се Доналд Трамп, Ши Џинпинг и Владимир Путин, воопшто немате пријатели.

(Славомир Сјераковски е полски публицист и новинар. Тој е основач на движењето Политичка критика. Текстот е дел од мрежата на „Проект синдикејт“.)