Вигенин тврди: Бугарија пред три години го тргна ветото за Македонија
Европарламентарецот од Социјалистичката партија на Бугарија, Кристијан Вигенин, денес, на Мешовитиот комитет Македонија – ЕУ што се одржува во Стразбур, рече дека не постои наметнато вето од страна на Бугарија за преговорите со нашата држава – бидејќи Бугарија го повлекла пред три години, а како резултат на тоа паднала и тогашната бугарска влада.
„Одлучивме дека ни треба да го решиме овој проблем еднаш засекогаш и да и дадеме шанса на евроинтеграцијата на Македонија“, тврдеше Вигенин во расправата. Но, додаде тој, уставните измени не се гаранција дека интеграцијата ќе се оствари, бидејќи треба да се исполнат многу други критериуми што важат и за другите кандидати, како што се Копенхашките.
„Слушам одвреме навреме дека уставните измени се последно нешто што треба да го направи Македонија за да продолжи процесот. Да, ќе продолжи, но процесот е комплексен, треба да се исполнат многу работи и не може да се редуцира на билатералните односи“, порача Вигенин.
Според него во Македонија се создава паралелна реалност, бидејќи тоа што се кажува јавно не ја рефлектира реалната состојба.
„Ми се чини дека премиерот Мицкоски не е заинтересиран да изгради доверба со Бугарија туку да развие имиџ за неа како непријател“, оцени европарламентарецот парафразирајќи ја потоа изјавата на премиерот за инцидентот со Владимир Перев – дека бил влажен затоа што накиснал од дожд. „Не е важно, рече Вигенин, кој е овој новинар, не е важно ни дека е македонски Бугарин, бидејќи кој и да настрадал не заслужува вака да биде опишан“, порачувајќи дека заради добри односи со нашата држава затвораат очи пред вакви инциденти.
И Ивајло Валчев од партијата Има таков народ (ИТН) го актуелизираше случајот со Перев, но реториката не беше ни приближно жестока или навредлива како на претходни дебати во Европскиот парламент. Според него коментарите што дошле од кај нас за инцидентот не биле логични, иако биле кажани од политичар од највисок ранг, со порака дека заедничката иднина треба да ја градиме на доверба и дијалог, а не вака. Тој апелираше до нашите пратеници да направат што можат да нема говор на омраза кон Бугарите во земјата, со разбирање дека сепак не можат да влијаат на социјалните медиуми. Генерално тој оцени дека преговарачката рамка не загрозува ничиј идентитет, реплицирајќи потоа на поплаките од Македонија за ветото со пораката дека и Бугарија чекала долго за ЕУ, дека била блокирана од Холандија и од Австрија, дека морала да затвори нуклеарка и да решава територијален спор со Турција во кој изгубила значајна област.
„Ги разбирам тешкотиите со кои се соочувате, но вие сте на власт и треба да делувате“, им рече тој на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ откако забележа дека ја имаат власта на сите нивоа во државата и имаат доволен мандат за тоа.
На тврдењето на Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ дека нема говор на омраза кај нас од страна на државните институции и дека тоа го констатирала и Комисијата за заштита од дискриминација, а дека има таков говор од највисоките политичари во Бугарија, Велчев рече дека не се согласува бидејќи одамна во Софија не зборуваат за Македонија, туку само коментираат на нешто кажано во нашата држава.
На барањето на известувачот Томас Вајц конечно да излезат со јасен став дека нема да поставуваат други пречки за Македонија ако ги усвои уставните измени, Велчев рече дека пратениците на бугарското Народно собрание изгласале деека ако Македонија ги исполни критериумите нема да се поставуваат дополнителни услови, без да прецизира кои.
„Бугарија нема други дополнителни услови. Ова не е изјава туку е одлука. Ви ја посакувам сета храброст што ви треба . Некој треба да го направи првиот чекор“, порача Велчев задржувајќи го пријателскиот тон.
Претходно Вајц му се обрати директно и го праша дали тој како парламентарец од Австрија е избран во ЕП да ги брани австриските интереси или да ги брани европските, алудирајќи на неговите настапи фокусирани на билатералниот спор?
„Моја примарна задача е да ги бранам европските интереси. Затоа ве прашувам: Дали е ова единствен услов да започнат преговорите? Се уште чекам јасен став од бугарските колеги, да ми дадат јасност и уверливост дека нема да има нови барања, како решенија на историски прашања и слично. Без тоа ќе остане сегашната поларизација“, рече Вајс.
На гаранции инсистираше и словенечки европратеник, откако бараше да се даде шанса да почнат воопшто преговорите, а не да се условува како да се на крај. Тој исто така порача дека и Словенија ја блокирала Хрватска, но на крај сфатила дека влогот е поголем од територијалниот спор и дека сега се смеат на таа епизода, откако двете земји енормно се збогатиле.
Генерално сите бугарски парламентарци, со помош и на еден грчки, се трудеа да ја одржат позитивна дебатата , посочувајќи и на позитивни чекори, како Коридорот 8 и остварените билатерални разговори , а Пешевска спомена и заедничко учество на спортски настан на преставници на ВМРО-ДПМНЕ со ГЕРБ, најавувајќи дека по сличен терк ќе организираат и настан на партиските унии на жените во Македонија и во Грција. Хепиендот го расипа Пешевска потсетувајќи дека била држена дома како заложник за уставните измени по договорот со Грција, со порака дека како резултат на таа траума се плаши од нови вета. Патем нафрли дека досега сме го менувале Уставот дури 36 пати.