Виенски институт: Економиите на Западен Балкан растат побрзо од членките на ЕУ

Најбрз економски раст во регионот оваа година се очекува во Косово, со четири проценти, по што следува Албанија, со 3,8 проценти


 

Економиите на Западен Балкан ќе продолжат да растат побрзо од источните членки на Европската унија, и покрај геополитичките неизвесности и енергетскиот шок предизвикан од војната во Иран, според најновата есенска прогноза на Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

Економиите на шесте земји од Западен Балкан треба да постигнат просечен раст од 3,2 проценти во 2026 година и 3,3 проценти во 2027 година, што го рангира овој регион меѓу подинамичните делови на европската економија.

Најбрз економски раст во регионот оваа година се очекува во Косово, со четири проценти, по што следува Албанија, со 3,8 проценти. Раст од 3,3 проценти се предвидува за Србија и Македонија, 3,1 процент за Црна Гора, додека Босна и Херцеговина треба да го забележи најбавниот раст во регионот од 2,2 проценти.

Во 2027 година се очекува раст од 3,8 проценти во Косово, 3,7 проценти во Албанија, 3,4 проценти во Србија, 3,3 проценти во Северна Македонија, 3,2 проценти во Црна Гора и 2,8 проценти во Босна и Херцеговина.

Виенскиот институт проценува дека просечната инфлација во Западен Балкан ќе биде 3,9 проценти оваа година и 3,4 проценти следната година.

Највисока невработеност се предвидува во Босна и Херцеговина, 12,4 проценти, и во Македонија, 11 проценти, додека во Србија треба да биде осум проценти.

Економиите на 11-те источни членки на Европската Унија треба да пораснат во просек за 2,2 проценти во 2026 година и 2,5 проценти во 2027 година, според Виенскиот институт.

Ова е повеќе од двојно побрз раст од прогнозата за Еврозоната, чиј БДП треба да порасне за 0,9 проценти оваа година и еден процент следната година.

Меѓу источните членки на ЕУ, Полска се издвојува како една од најбрзо растечките економии, со прогнозиран раст од 3,7 проценти во 2026 година и три проценти во 2027 година. Висок раст оваа година се очекува и во Словенија, од 3,6 проценти, додека економијата на Литванија треба да порасне за 2,8 проценти, Бугарија за 2,7 проценти и Хрватска за 2,6 проценти.

Спротивно на тоа, се предвидува дека БДП на Романија ќе падне за 0,4 проценти поради строгите фискални мерки за штедење, додека Словачка треба да постигне раст од само 0,5 проценти. Според проценките на институтот, Унгарија треба да забележи раст од 1,7 проценти оваа година и 2,6 проценти следната година.

Виенскиот институт проценува дека источните членки на ЕУ минуваат низ значителна промена во економскиот модел, оддалечувајќи се од традиционалната улога на производствени центри со евтина работна сила за западноевропските компании. Наместо тоа, производството и услугите со поголема додадена вредност, домашната потрошувачка, јавните инвестиции и инвестициите во технологијата стануваат сè поважни.

„Земјите што инвестираат во технологија и продуктивност, на пример преку автоматизација и дигитализација, имаат добри шанси за продолжување на економскиот напредок. Полска и, до одреден степен, Чешка го водат патот“, рече Ричард Гривсон, заменик-директор на Виенскиот институт и главен автор на прогнозата.

Тој истакна дека полската високотехнолошка индустрија пораснала за околу 40 проценти во текот на претходната деценија.

Во исто време, Институтот предупредува дека земјите од Централна и Источна Европа повеќе нема да имаат толку голема корист од закрепнувањето на германската економија како порано.