Потпишан договор за продажба на српската НИС на унгарски МОЛ
Потпишан е договор за преземање на мнозинскиот руски удел во Нафтената индустрија на Србија (НИС) од страна на унгарската компанија МОЛ, а за да се заврши трансакцијата, останува да се добие согласност од надлежните комисии за заштита на конкуренцијата во Србија и Босна и Херцеговина, изјави министерот за финансии во технички мандат Синиша Мали.
Во интервју за Блумберг Адрија, Мали изјави дека е постигнат писмен договор со унгарската страна според кој Србија ќе го зголеми својот удел во НИС од 30 на 35 проценти.
Тој објасни дека преговорите меѓу претходните руски сопственици и унгарскиот МОЛ се успешно завршени, како и дека државата Србија договорила посебен акционерски договор со идниот мнозински сопственик.
„Договорот меѓу руската страна, која е мнозински сопственик, и унгарскиот МОЛ е постигнат. Договорот е потпишан. Како држава, склучивме и акционерски договор со унгарската страна. Останува само да се добие согласност од надлежните антимонополски комисии“, рече Мали.
Тој додаде дека очекува овие барања наскоро да бидат поднесени во Србија и Босна и Херцеговина и дека очекува трансакцијата да биде завршена многу брзо.
По добивањето на потребните регулаторни одобренија, според Мали, ќе следи формално затворање на договорот, со што би се завршила постапката за промена на сопственичката структура на најголемата нафтена компанија во Србија.