„Видик“ – во Дајмонд мол почнува третото издание на Фестивалот за литература и општа култура
Со промоција на книгата „Филмот и пропагандата во дигиталната ера“ од Сашо Кокаланов, вечерва (25 март), во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“, во „Дајмонд мол“, почнува третото издание на Фестивалот за литература и општа култура „Видик“. Промотори на книгата, која е во издание на „Арс Ламина“, ќе бидат Елеонора Венинова, Владимир Блажевски и Отец Пимен, а во улога на модератор ќе биде Оливера Ќорвезироска. Кокаланов во оваа книга дава историски, контекстуален, модерен и постмодерен, наједноставно проверлив приказ на тоа што е пропаганда, какви се нејзините облици, за што служи пропагандата, за што служи пропагандата преку филмот, софистицирана е или груба, прикриена е или отворена, прикажана е на бело платно или преку стриминг-платформи, мала е или голема.
Фестивалот „Видик“, што ќе се одржи од 25 март до 8 април 2026 година, е во организација на „Литература.мк“. Програмата опфаќа промоции на книги, музички настапи, театарски изведби, филмска проекција и донаторски настан, со што фестивалот повторно ќе понуди динамична и разновидна културна програма за пошироката публика.
*Присуството на музичките настани и театарските изведби е со влезници, кои се достапни во „Литература.мк“, „Дајмонд мол“ и на www.literatura.mk.
*Со секоја влезница следува подарок. За влезниците купени онлајн потребно е да прикажете потврда за нарачка на каса, каде што ќе ја добиете печатената влезница со подарок која потоа ја приложувате на влезот.