(Видео) Живко Мукаетов по повод 85-години „Алкалоид“: Посветено ќе продолжиме да работиме на глобализацијата на брендот „Алкалоид“

Скромните почетоци на „Алкалоид“ датираат од август 1936 година кога на патот од Скопје кон Велес е отворен еден од најстарите капацитети за преработка на алкалоиди. Со само две постројки со 15 работници, денес 85 години подоцна, „Алкалоид“ има производни погони од 60.000 метри квадратни и над 2.500 вработени во базата во Скопје и во дваесетте подружници распоредени во 15 земји во светот.
Ова меѓу другото, го вели Живко Мукаетов, Генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, во видео обраќање по повод 85 годишниот јубилеј на компанијата.
Притоа, нагласува дека успехот на компанијата се должи на квалитетот на производите, квалитетот на кадрите кои работат во компанијата, на брендот „Алкалоид“ и на поединичните брендови кои ги имаме.
„Нашите инвестиции кои во изминативе 15 години достигнаа сума од близу 200 милиони евра алоцирани во производни капацитети, лаборатории, истражување и развој, технологии и континуирана едукација на нашите вработени, ни овозможуваат пласман на производи со супериорен квалитет кои можат да се носат рамо до рамо со кој било производ од својот сегмент во светот“, вели Мукаетов.
Таквиот пристап ѝ овозможи на компанијата денес да пласира над 60 отсто од нејзиниот асортиман во над 40 земји во светот.
„Гордо и посветено ќе продолжиме да работиме на глобализацијата на брендот ‘Алкалоид‚. Корпоративната општествена одговорност за нас е врвен императив и влог за поттик на пошироко општествено делување“, нагласува во обраќањето Мукаетов.
Тој додава дека „Алкалоид“ и Фондацијата „Трајче Мукаетов“ на разни начини помагаат во развојот на македонското здравство и фармација, а инвестираат и во културата, спортот, образованието и во други општествени сфери.
Осврнувајќи се на периодот на пандемијата, Мукаетов вели дека двете години беа исполнета со бројни предизвици и неизвесности, при што упати благодарност на сите генерации членови на големото семејство алкалоидовци за посветената работа и натчовечките напори вложени за непречено одвивање на процесите.
„Главни приоритети на „Алкалоид“ и понатаму ќе останат грижата за вработените, акционерите, животната средина, деловните партнери, здравствениот систем и здравјето пред сѐ“, вели Мукаетов во видео обраќањето по повод 85 годишниот јубилеј на компанијата.