(ВИДЕО) Жестоки судири меѓу полицијата и демонстрантите во Атина, Мицотакис повика на воздржаност


Грчки полицаец е повреден во главата во вторникот вечерта во судир во предградието на Атина на протест на кој присуствувале 5.000 лица против „полициското насилство“, соопшти полицијата. Полициски службеник кој се здобил со тешка повреда на главата бил пренесен во болница, објави полицијата.

„Во овие моменти мора да надвладее воздржаноста и смиреноста“, изјави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис по инцидентите во атинската населба Неа Смирни, додавајќи дека „жалните слики на насилство што сите ги видовме вечерва во Атина, мора да бидат последни“, но воедно истакна дека „слепиот бес не води никаде“, јави дописничката на МИА од Атина.

„За жал, некои луѓе ги игнорираа нашите предупредувања. И, на оние кои се обидуваат да шират омраза и поделба во општеството за да го покријат сопствениот ќорсокак, како што тоа го правеа во минатото, им одговарам со следново: Вечерта на изборите на 7 јули 2019 година, истакнав дека сум тука за да гарантирам единство, безбедност и просперитет на сите Грци. Ова го повторувам и сега. Нема да дозволам никој да нè дели. Нема да дозволиме никој да не врати назад“, рече Мицотакис.

Инцидентите и насилството ги осудија и од опозициската СИРИЗА.

Како што претходно објави МИА, вечерва имаше сериозни инциденти за време на протестот против полициското насилство во атинската населба Неа Смирни, а со повреди на главата во болница е пренесен полицаец, кој според првичните информации, бил нападнат од поголема група непознати лица.

Вкупно, повредени се тројца полицајци, а уапсени 11 лица.