(Видео) Заев: Да се обединиме по сите основи и да продолжиме напред


Премиерот Зоран Заев денеска од Струмица на годишнината од настаните од 27 април во Собранието, испрати порака за обединување и продолжување на патот напред, посочувајќи дека од исправноста на индивидуалните одлуки зависи иднината на државата.

-Ја испраќам пораката на обединување по сите основи и повикувам да продолжиме напред. Заедно ја поставивме државата на правиот пат. Нашата држава е, и ќе биде среќен дом за сите граѓани. И од овој пат, назад нема. Но, мораме да сме свесни за значењето на секоја наша индивидуална одлука. Затоа што, предизвици секогаш има, а од нашата решителност и од исправноста на нашите одлуки зависи и сопствената иднина и иднината на нашите деца и иднината на државата, рече Заев.

Тој посочи дека денешниот датум, 27 април е аларм кон што водат политиките на поделби и политиките на водење сметка само за лични интереси.

-На овој ден си ја спасивме земјата од злите намери на алчноста за власт. На овој ден, во домот на граѓаните ја одбранивме демократијата и застанавме на патот на автократијата. 27 април потсетува и на нашата обврска, да не дозволиме никогаш да се повтори газењето врз човековите права и слободи. 27 април потсетува на нашата одгворност крвта пролеана за да се запре злото, да ја замениме со граѓански глас кој повикува да одиме напред, рече Заев.

Повика дека сега е време кога, вели, секој треба да постапи совесно, за доброто на своите деца и за добрата иднина на родната земја.

-Ова се времиња кога заедништвото и прогресот се единствената опција која и носи добро на нашата земја. Тоа треба да го потврдиме, со изразена силна граѓанска волја и свест дека нашиот единствен пат е напред. Овој народ секогаш носел исправни одлуки. Гласот на граѓаните е вистината. Тој глас е слушнат и е разбран. Сега е потребно секој да ја извади решителноста од себе и да постапи совесно, за доброто на своите деца и за добрата иднина на родната земја, порача премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев.