(Видео) Во Холандија критично – се стравува од пробивање на насипите
Итните служби во Холандија и понатаму се во состојба на готовност, затоа што реките се закануваат да ги поплават градовите и селата во јужната провинција Лумбург.
Евакуирани се десетици илјади жители од покраината во изминатите два дена, додека војниците, пожарникарите и волонтерите работеа ноќе за да ги зајакнат насипите.
Во соседна Германија загинаа 133 лица во поплавите по обилните дождови, додека најмалку 20 загинаа и во Белгија.
Холанѓаните засега избегнаа катастрофа од такви размери, а до утрово не е забележан ни еден смртен случај.
Но, ситуацијата и понатаму е критична, велат локалните власти.
Водостојот на реките околу поголемите градови како Ванло и Рормонд достигна рекордно ниво рано утрово, а пад се очекува во текот на неделата, наведуваат властите.

Тоа претставува закана за насипите и другата заштита против поплавите.
Бројни улици во Рормонд и околината се поплавени, објави агенцијата АНП.
Се очекува насипите покрај Рајн и Меза да го издржат зголемениот водостој во наредните денови, но стручњаците предупредуваат дека и понатаму е тешко да се предвиди развојот на настаните.