(Видео) Украинците објавија снимка од напад на камиказе дрон врз руски тенк
Видеото „за прв пат се објавува на пошироката јавност, но вреди да се напомене дека борбената употреба на беспилотни летала камикази е редовна практика“, се вели во објавата на Фејсбук од страна на Украинските сили за специјални операции
Украинските сили за специјални операции објавија снимка од летечка муниција, позната и како камиказа или самоубиствен дрон, кој се чини дека неутрализирал руски тенк. Украинците тврдат дека станува збор Switchblade, која Украина неодамна ја доби од САД.
Видео од 44 секунди од Украинските сили за специјални операции е објавено на Фејсбук во вторникот. На снимката се гледа настанот од две перспективи, едната од далечина, каде што се гледа експлозијата, а на другата се гледа како дронот се приближува до самиот тенк и војниците кои седат на него и стојат околу него.
Видеото запира непосредно пред дронот да удри во тенкот, а тој дел од снимката е директно од самиот дрон, велат Украинците.
Модерен камиказе дрон, опремен со моќен експлозив, влетал директно во тенкот, нанесувајќи му непоправлива штета на непријателот, објавија Украинците на Фејсбук.
Се додава дека Русите кои управувале со тенкот биле убиени. Русија претрпе значителни загуби откако ја започна својата непредизвикана војна против Украина во февруари.
На крајот од видеото, на екранот трепка текстот Executive Producer Switchblade. Видеото може да го погледнете ТУКА, но иако не го прикажува моментот на удар и последиците, предупредуваме дека се работи за вознемирувачка содржина.
Беспилотните летала Switchblade се таканаречена „скитничка“ муниција. Тие можат да останат во воздух додека не се идентификува целта, а потоа да ја погодат, активирајќи го смртоносниот товар.
Украина на Фејсбук објави дека видеото за прв пат се објавува на пошироката јавност, но вреди да се напомене дека борбената употреба на беспилотни летала камикази е редовна практика.
„Ова е добар пример како помошта од странските партнери заедно со обуката и професионалноста на нашите војници дава позитивни резултати на фронтот“, се додава во соопштението.
Украина стави инструментална музика од „Војна на ѕвездите“ во позадина на видеото, сè до нападот со беспилотно летало. Откако екранот ќе поцрни, музиката се претвора во тематска песна од американскиот ситком „Curb Your Enthusiasm“.
За време на тримесечната војна со Русија, Украина постојано објавуваше пропагандни видеа од различни напади врз руските сили и позиции поставени со широк спектар на музика, што може да се смета за обид да се прикаже убиството на руски војници како сосема нормално, пишува Business Insider.