(Видео) Сатирично документарно видео „Камел Трофи Аеродром 2021“
Скриншот од сатирично-документарното видео на Центарот за современи уметности
Центарот за современи уметности – Скопје изработи сатирично-документарно видео „Камел Трофи Аеродром 2021“. Белиот џип „Лада“ успешно го помина патешествието низ паркинзите и останатите јавни површини во скопската населба Аеродром.
„Сатирично документарното видео „Камел Трофи Аеродром 2021“ е продуцирано со желба да се помогне на неколку илјади жители од општина Аеродром кои повеќе од 4 години секојдневно газат прав и/или кал за да стигнат до своите домови во одредени делови на Аеродром особено околу улиците Владимир Комаров, Руди Чајавец и булеварот АСНОМ“, велат од Центарот за современи уметности – Скопје.
Тие не навлегуваат во квалитетот на ДУП-овите и јавниот простор во Аеродром, но инвеститорите уредно платиле комуналии кои изнесуваат и по неколку стотици илјади евра за уредување на базичната инфраструктура. Наспроти ова, општината Аеродром и после повеќе од четири години ги нема уредено сервисните улички, пристапните патеки и паркинг површините, иако тоа претставува нивна обврска за која граѓаните платиле и преку комуналиите и преку своите даноци.
„Се надеваме дека на овој начин преку ова сатирично видео ќе допреме до надлежните и на ваков несекојдневен начин ќе ги презентираме проблемите на граѓаните и ќе ги натераме надлежните да реагираат и да ги решат овие проблеми. Искрено се надеваме дека Камел трофи 2022 ќе се одржи на некое друго место и 4х4 рели полигоните во Аеродром ќе бидат заменети со оплеменети урбани површини“, објаснуваат од Центарот за современи уметности.