„Зелен Хуман Град“ бара од Обвинителството истрага што горело во управната зграда на „Факом“
„Денешниот голем пожар во управната зграда на фабриката Факом го изложи Скопје на сериозно аерозагадување и токсични честички.
Бараме Државниот инспекторат за животна средина да спроведе итен вонреден надзор. На граѓаните им е загрозено основното уставно право на здрава животна средина.
Од организацијата сугерираат Обвинителството да испита што се чувало во управната зграда на „Факом“, компанијата за челични конструкции која патем е во стечајна процедура.
„Бараме одговори што изгорело и во колкава количина. Од каде сиот тој црн чад налик оној со електронскиот отпад во Трубарево?
Бараме целосна одговорност од сопствениците, како и ажурност и транспарентност од надлежните инспекторати.
Оваа хаварија не смее да се заташка и да остане без институционална завршница и кривична одговорност“, додаваат од „Зелен Хуман Град“.