(Видео) Навални моли за помош во авионот, не се знае дали е затруен
Авионот, со кој рускиот опозициски лидер Алексеј Навални леташе од Томск во Москва, итно слета во Омск, затоа што на Навални му се слоши, а постои сомневање дека е затруен.
Судејќи според снимка од авионот, Навални вика во авионот и бара помош.
Портпаролот на авиокомпанијата С7, со чиј авион рускиот опозициски лидер Алексеј Навални патувал кога се разболе, соопшти денеска дека Навални ништо не јадел ни пиел во текот на летото.
– Здравствената состојба на еден наш патник, Алексеј Навални, драстично се влоши веднаш по полетувањето на авионот на летот од Томск кон Москва. Тој ништо ниту јадеше, ниту пиеше во авионот,изјави портпаролот, пренесува ТАСС
Како што изјави тој, персоналот на авионот реагирал брзо, во согласност со процедурите, и веднаш го пријавиле проблемот во воздухопловната команда, која наредила авионот да слета на најблискиот аеродром, каде Навални бил преземен од медицински лица, по што авионот го продолжил летот. Се додава дека двајца патници кои летале со Навални останале во Омск.
Исто така, ќе се спроведе истрага во кафулето на аеродромот во Томск, каде Навални пиеше чај, а ќе бидат проверени и видеокамерите.
Според директорот на аеродромот во Томск, ниту еден друг патник не се пожалил и додаде дека специјалните сили веднаш дошле во кафулето за да извршат претрес.
Претходно денеска, портпаролката на Навални, Кира Јармиш, рече дека авионот во кој се наоѓал бил принуден да слета во Омск, откако му се слошило за време на летот, откако пиел чај и алудираше дека тој е отруен.