(ВИДЕО) Мечки му го краделе медот, па ги „вработил“ како дегустатори
Пчеларот Ибрахим Седеф од Турција поминал многу непроспиени ноќи поради мечките кои му ги уништувале кошниците со пчели и резервите од мед.
Ибрахим најпрвин се обидел да се спаси од гладните мечки така што поставил заштитна ограда околу медот, меѓутоа ни тоа не му помогнало, па освен загубата на мед имал и материјална штета.
Потоа тој наместил камери и се обидел да научи нешто од однесувањето на мечките што би му помогнало во борбата со нив, а тогаш добил одлична идеја.
Наместо да се обидува да ги одврати од медот, тој им поставил маса со примероци од медот и ги претворил во дегустатори.
Видеата од дегустацијата потоа ги споделил со медиумите, па така добил и бесплатна реклама.
Имено, се покажало дека мечките имаат многу скап вкус и најмногу уживаат во медот наречен „анзер“, кој чини повеќе од 100 евра за килограм.